| четврток, 6 декември 2018 |

Живот без деца – исповед на жени

o-WHAT-NOT-TO-DO-WHEN-YOURE-SAD-facebook
Последниве 20 години, бројот на жени што не родиле е во пораст, а статистиката бележи дека меѓу нив најбројни се оние со факултетска диплома, постари од 40 години. Тоа се објаснува со фактот што припадничките на „послабиот пол“ сè повеќе се концентрираат на кариерата, па едноставно немаат време за раѓање. Се разбира дека постојат и други причини што ги спречуваат жените да станат мајки. Како навистина живеат жените што немаат деца? И, дали тоа навистина е загуба?

Ана Филиповска (41), лекторка

Никогаш не сакав бебе!

„Никогаш не размислував да родам дете“, вели Ана. Таа спаѓа во 5% од жените што не сакаат да го доживеат мајчинството. „Долго време се анализирав себеси, мислејќи дека со мене нешто не е во ред. Кога наполнив 35 години, сите мои пријателки ги шетаа своите деца, а јас на тоа воопшто и не помислував. Дури почнав да го проучувам мојот однос со мајка ми, мислејќи дека страдам од некоја длабока траума од детството. Но се воспостави дека нашиот однос отсекогаш бил и останал – супер!“. Ана никогаш не се покајала поради одлуката да не раѓа. Таа ѝ е посветена на работата во голема издавачка куќа, а пред неколку години започна да пишува книги. Одвреме-навреме одвојува по неколку слободни денови да замине на село, каде му се посветува на пишувањето. „Моите пријатели што имаат деца дури и ми завидуваат“, вели Ана и се смее. „Иако, некои од нив сметаат дека сум егоист, мислејќи дека не родив бидејќи премногу сум насочена кон задоволувањето на сопствените потреби. Поголемиот дел, сепак, ја почитуваат мојата одлука, а мојот сопруг и јас на многумина од нашето друштво им станавме раме за плачење – ни ги доверуваат нивните љубовни и деловни проблеми, бараат совети кога се во криза…“ Родителите на малите деца, по правило, немаат многу слободно време да им се посветат на другите. Ако внимателно ја анализираме приказната на Ана, изгледа дека не можеме да ѝ забележиме дека е егоист. Една студија на американските научници укажува на тоа дека и раѓањето на децата може да биде мотивирано од егоизмот: многу од испитаниците признаа дека за нив родителството претставува создавање на нешто трајно во животот и дека потомството е начин да станат бесмртни. Инаку, Ана има одлична комуникација со децата и не ѝ е тешко барем еднаш во месецот да пропарува 300 км за да го посети своето кумче. Тоа патување го нарекува „емотивна воздишка“.


Катерина Јовановска (47), медицинска сестра

Тешко го прифатив фактот дека не можам да станам мајка

Катерина отсекогаш сакала да стане мајка и сметала дека животот без деца е потполно бесмислен. Но никако не можела да забремени. И тогаш се случил шокот: на 37 години морало да ѝ ја отстранат матката. И токму во времето кога го сретна човекот со кого сакаше да роди дете… Долго време не можела да закрепне од несреќата што ѝ се случила. „Во амбулантата често среќавав среќни мајки, покрај кои се чувствував безвредно. Паднав во депресија, ништо повеќе за мене немаше смисла“, раскажува Катерина. Ова е честа реакција на нереализираното мајчинство. Психијатрите тврдат дека нарушената самодоверба во ваквите случаи може да се поврати само доколку жената открие некои нови можности. Токму тоа и се случило на Катерина, откако некое време го посетувала психијатарот. „Тој ми помогна нештата да ги набљудувам од поинаков агол. Во еден миг се запашав: што навистина ми е важно во животот? Одговорот беше едноставен – комуникација со луѓето и помош на загрозените“. Така Катерина доби нов мотив, се запиша на курс за физиотерапевти и денес им помага на децата, им ги ублажува болките, ги бодри и ги поттикнува да се изборат со своите тегоби. Блиска е со своите пациенти, особено со најмладите, спрема кои се поставува мајчински. „Соочувањето со фактот дека не можам да имам деца беше навистина болно. Но успеав тоа да го надминам. Денес сум среќна поради работата, која целосно ме исполнува и не чувствувам никаква празнина поради тоа што не сум мајка“, завршува Катерина.

Симона Петреска (53), архитект

Сопругот направи вазектомија за да не забременам

„Мојот сопруг не сакаше деца и на почетокот на врската ми го постави условот: прифати ме таков каков што сум или остави ме“, вели Симона, која отсекогаш сакала да се реализира како мајка. Сепак, одлучила да се омажи за Петар, кој направил вазектомија уште пред да се запознаат. „Никој не влијаеше на мојата одлука да останам со него. Нашата врска ми беше поважна од тоа по секоја цена да создадам потомство“. Сите двојки, сепак, не ја издржуваат ваквата проба. Многу се разделуваат поради спротивставените ставови за „проектот дете“. Студиите покажуваат дека по заклученото поглавје – „деца“, сопружниците пронаоѓаат заеднички интереси, хоби, работа… Симона и Петар патуваа низ целиот свет, а еден на друг си беа најголемата поддршка во кариерите. „Немаше да имаме ваков живот доколку имавме деца. Сосема сме свесни за тоа. Работата е она што нè движи и нè прави посреќни и затоа им се посветивме на професиите“. Можеби тоа чувство е слично на она што го имаат родителите додека ги набљудуваат децата како растат.

Извор: Убавина и здравје

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top