| четврток, 6 декември 2018 |

Реакција на Советот на Европа по кризната состојба во Македонија заради мигрантите

Migrants wait permission to cross in Macedonia on their way for the western Europe countriesРеагирајќи на масовното пристигнување мигранти во Република Македонија, по одлуката на Владата да прогласи кризна состојба во регионот на јужната и на северната државна граница, претседателката на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Ан Брасер изрази солидарност со македонските власти, истовремено предупредувајќи ја Владата за можните импликации на оваа одлука во поглед на стандардите на Советот на Европа, пренесува дописникот на МИА.

– Ја делам загриженоста на властите кои мораат да се соочат со досега невидена и сериозна ситуација. Во исто време, јас сакам да нагласам дека сите преземени мерки од страна на властите мора да бидат во согласност со стандардите на Европската конвенција за човекови права. Советот на Европа има соодветни инструменти за да се обезбеди соодветна поддршка. Јас ќе ја контактирам парламентарната делегација на земјата да се информирам за улогата која ПССЕ може да ја има, се вели во декларацијата на Брасер.

Оваа ситуација, посочува таа, уште еднаш потврдува дека феноменот на миграцијата и бегалците не е нешто што може да се решава поединечно од секоја одделна земја, напротив тоа треба да се разгледува од европска и глобална перспектива, во која сите земји ја одигруваат својата улога и преземаат соодветен дел од одговорноста.

– Јас за ова прашање ќе разговарам со претседателите на националните делегации на Собранието (ПССЕ) на нашиот следен состанок во текот на сесијата во септември 2015 година, заклучи претседателката на ПССЕ, Ан Брасер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top