| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски на средби со жителите на дебарско-реканскиот крај

ziro9Премиерот Никола Груевски денеска во рамки на посетата на дебарско-реканскиот крај оствари средби со локалното население во Жировница и Ростуше со кое разговараше за нивните потреби и проблеми и за проектите што се реализираат во овие места.

Граѓаните на Жировница посочија дека поради големиот наплив на барања за патни исправи има застој во вадењето пасоши. Со оглед на тоа дека се работи за крај каде живеат претежно печалбари, премиерот Груевски го исконтактира министерот за внатрешни работи кого го задолжи максимално да се забрза процедурата за издавање пасоши. Исто така, на барање на граѓаните, Груевски побара од министерот Чавков да се разгледа и можноста за уривање на стариот дотраен објект на полициската станица во Жировница и тој да се пренамени во паркинг-простор.

 

Во комуникацијата со месното население беше истакнато дека печалбарите имаат проблем со италијанското здравствено осигурување кое според прописите не е опфатено во Македонија. Премиерот Груевски на лице место исконтактира со министерот за здравство и со директорот на ФЗОМ од кои побара да се изнајде решение за овој проблем.

Премиерот го задолжи градоначалникот на општина Ростуше да направи напори да се реконструира и патната инфраструктура во самото село, покрај веќе направениот пристапен пат до селото.

Во селото Ростуше во контактите со граѓаните премиерот Груевски ги информираше за реализираните проекти и за оние што се планираат да се спроведат во следниот период во дебарско-реканскиот крај со што ќе им се олесни животот на жителите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top