| четврток, 6 декември 2018 |

Расте бројот на туристи што ја посетиле Македонија

туристи2

Македонија позитивно се движи во развојот на туризмот. Во првите пет месеци од годинава е забележан пораст на туристи од 6,5 проценти при што се бележат 11,6 отсто пораст на странски и пад од 2,9 проценти на домашни туристи.

Ова денеска го истакна министерот за економија Беким Незири на средбата со претставници на туристичките здруженија во Република Македонија на која биле анализирани резултатите објавени на 13 август од Заводот за статистика.

– За разлика од претходните години каде што имавме пораст од 6,1 проценти, оваа година имаме покачување од 0,4 отсто на туристи – истакна Незири.

За падот на процентот кај домашните турсити министерот Незири рече дека при анализата која ја направиле со директорот на Агенцијата за туризам на Република Македонија Кристијан Џамбазовски констатирале дека причината е политичката криза што ја имаше Македонија во мај и јуни оваа година.

– Оваа година имаше политичка криза во нашата држава, а знаете дека политичките кризи во сите држави директно влијаат врз туризмот во земјата. И покрај тоа благодарение на работата на Агенцијата, успеавме тој пад да го оддржиме контролирано  од 3 проценти. Во сите европски држави каде што има вакви кризи овие проценти изнесувале над 10 отсто – нагласи Незири.

На состанокот било предложено Министерството да има законска регулатива за регулирање на таквите кризи.

– Констатирано беше дека покрај позитивните трендови во нашата држава, Македонија има капацитет да привлече поголем број туристи. Беа дадени повеќе идеи од сите присутни на состанокот, а ние како Министерство заедно со Агенцијата предложивме во рок од осум дена да се формира група со која ќе се рзгледаат законските можности за подобрување на туризмот. Со идеите кои беа дадени од присутните на состанокот, сметам дека ќе успееме да влијаеме на покачување на туристите во Македонија – рече Незири.

Појасни дека по состанокот со работната група која треба да се формира, ќе биде подготвен закон кој ќе биде даден на јавна дебата и ќе претставува подобрување на туристичката клима во Македонија.

Министерот нагласи дека крајна цел во стратегијата на државата е дека до 2020 година туризмот во Македонија треба да партиципира со 5 проценти од БДП.

Директорот на Агенцијата Џамбазовски истакна дека на состанокот било констатирано дека активноста на институциите за време на критичниот период во мај и јуни вродил со плод, а негативните ефекти биле минимизирани.

Џамбазовски информираше дека изминативе години во континуитет се бележи раст на ноќевањата, просечниот престој и на девизниот прилив. Според него, порастот е околу 15 милиони долари годишно од странски посетители. Додаде дека во тек се активности на привлекување туристи преку пазарите каде што би се понудила Македонија како дестинација. Информира дека се очекуваат и позитивни  одговори од повеќе тур-оператори кои би ја ставиле нашата држава на нивната понуда.

– Се даде предлог кој ќе биде разгледан од работната група која ќе се оформи, да се создаде механизам кој би се активирал автоматски во случај на турбуленции и предизвици доколку би се случиле во иднина – додаде Џамбазовски.

На прашањето за предлогот за одмрзнување на сметките на Макпетрол Незири рече дека сите судски органи треба да внимаваат кога ги носат одлуките.

– Добро е тоа што обвинителството побарало од судската власт деблокада на Макпетрол, меѓутоа не би сакал да ги коментирам одлуките на судот. По поднесување на обвинителството има законски рок до кога треба да се даде одговор и треба да се почека на одлуката – истакна Незири и додаде дека Министерството и Владата се подготвуваат за одлуката на судот каква и да е, позитивна или негативна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top