| четврток, 6 декември 2018 |

Во руралните средини реализирани се 160 проекти, а најавени уште 221

берово

Голем дел од проектите што ги реализираат општините, а со кои се решаваат децениски проблеми на граѓаните се поддржани со владини средства и се добродојдени за решавање крупни прашања за руралните населени места.

Со владина поддршка досега се реализираа над 160 инфраструктурни проекти низ целата држава, а во идниот период ќе има дополнителна реализација на нови 221 проект.

Таков случај е и општината Кривогаштани каде ќе се прават седум значајни инфраструктурни проекти.

Градоначалникот на општина Кривогаштани Тони Заткоски нагласи дека општината со помош на Владата и Агенцијата за финансиска поддршка вчера потпиша договори за шест проекти, а еден ќе се реализира и преку Планскиот пелагониски регион.

– Вкупната инвестиција се проценува на 820.000 евра кои ќе бидат реализирани во комуналната и патната инфраструктура во нашата Општина. Преку Агенцијата за финансиска поддршка општина Кривогаштани аплицираше со два проекта и во 2013 година кога беа обезбедени околу 400.000 евра. Еден од тие проекти е сточниот пазар кој е во завршна фаза  и ќе биде еден од најдобрите во Република Македонија и пошироко. Неговата изградба чини околу 300.000 евра, а останатиот дел од финансиските средства беа употребени за изработка на урбанистички планови за сите населени места во нашата општина – посочи градоначалникот Заткоски.

Овие проекти се поздравени од граѓаните и за нив ова значи исполнување на нивните барања и потреби. Тие се благодарни на  Владата на Република Македонија и велат дека досега не сме имале влада која вложува во руралните општини.

– Ние сме мала општина меѓутоа со тие средства се гради и сточното пазариште што е од огромно значење за населението – истакнува жител на Кривогаштани.

Таков е и случајот со општината Босилово која со владина поддршка ќе реализира нови проекти.

– Оваа година Владата одвои прилично средства, некаде околу 40 милиони евра за тие активности за кои аплициравме сите општини и сите општини добија по неколку проекти. За општина Босилово можам да кажам дека доби проекти во висина некаде околу 40 милиони денари – истакна Љупчо Колев, градоначалник на Општина Босилово.

За граѓаните на Босилово овие проекти претставуваат решавање на конкретни проблеми.

Жител на населеното место Радово вели дека улиците се во добра состојба, поправени и доправени. – Не може да се пожалиме, вели, дека не е вложено иако секојпат има можност за уште подобро.

Негов соселанец потенцира дека патната инфраструктура во последните години е многу подобрена. – Ако се сетиме наназад, тука беше се со дупки, калливо, а сега сите минуваат по еден модерен асфалтиран пат. Опфатени се повеќе улици. Патот кој водеше до Балдовци, вели, беше црна точка, не се минуваше ниту со запрежна кола, а не пак со возило, денеска е направен убав асфалтиран пат со мост преку реката.

Владата вложува средства во сите делови од Македонија. Граѓаните од руралните населени места велат дека не помнат вакви инвестиции во нивните краишта и даваат силна поддршка за проектите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top