За Судот зачудува пласирањето на дезинформации во јавноста кои не коренспондираат со правната процедура и законот, без оглед дали се пренесени или се изворно дадени. Нејасно е каков ефект ќе дадат ваквите информации насочени кон јавноста и кон граѓаните во Република Македонија, кога сите од правната фела знаат дека Јавното обвинителство не уважува жалби и не носи одлуки за одблокирање на сметки, како што тоа беше пласирано во текот на вчерашниот ден, туку како странка во постапката пред Судот само дава предлози.
Ја информираме јавноста дека од страна на Јавното обвинителство е доставен одговор на жалба против донесеното решение на судија на претходна постапка за обезбедување на имотот и за привремено запирање на извршување определени финансиски трансакции, во кој се предлага жалбата по однос на опстојувањето на изречената мерка – забрана за подигнување парични средства од сметките во повеќе банки, од обжаленото решение да биде уважено и решението на судијата на претходна постапка по однос на оваа точка да биде укинато. Судот по однос на наводите наведени во жалбата на „Макпетрол“ АД и по наводите во одговорот на жалбата на ОЈО, дополнително ќе одлучува при што с уште не е донесена судска одлука дали сметката ќе биде одблокирана по повод жалбата.
Исто така, до судија на претходна постапка, доставен е предлог за следење на платниот промет и трансакциите на сметките на Макпетрол АД Скопје, по кој дополнително судијата на претходна постапка треба да одлучи.
Основниот суд како и секогаш ценејќи го начелото на легалитет и правилно и навремено информирање на јавноста по донесување на одлуките во врска со конкретниот предмет во законски предвидената постапка со посебно соопштение ќе ја информира јавноста.
При тоа истовремено и соопштува на јавноста со резерва да ги прима како шпекулации сите информации за некакви одлуки за чие донесување е единствено надлежен Судот, без оглед дали доаѓаат од институции, медиуми или портали.
Имено, со цел запознавање на јавноста со законската норма според која Судот треба да постапи, пред почетокот и во текот на истражната постапка, одлука по барањето на јавен обвинител донесува судијата на претходната постапка, а по подигањето на обвинението, судот пред кој ќе се одржи претресот. Судијата на претходна постапка одлучува по барањето на јавниот обвинител веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од приемот на барањето. Ако судијата на претходна постапка не го прифати барањето на јавниот обвинител, без одлагање ќе побара одлука да донесе советот што е задолжен да одлучува по жалби против одлуки на судии на претходна постапка и против други решенија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.