| четврток, 6 декември 2018 |

Ван Хојт: Имавме солидна и интересна дискусија

vmro-dpmne-sdsm

Солидна и интересна дискусија, е оценката на белгискиот експерт Питер Ван Хоутен за вчерашната средба на работната група од претставниците на четирите најголеми партии на која се разговараше за специјалниот обвинител како една од клучните точки на договорот од Пржино.

– Денеска не можам да дадам никаков коментар, имаше многу интересна, многу солидна дискусија, но, не можам ништо да коментирам, извинете заради тоа, рече Ван Хојт.

По речиси двочасовниот состанок и претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА исто така заминаа без да соопштат детали.

За во петок предвидено е партиите да започнат конкретни разговори во однос на законската рамка, како и за изборот, функционирањето и надлежностите на Специјалниот обвинител.

Опозицијата се залага за нов закон, тим од соработници и посебен судски оддел, како гаранција за целосната независност на Специјалниот обвинител, а владејачките партии, пак, се на став дека е доволно да се формира специјално одделение за ваков вид криминал во согласност со постојната законска регулатива.

Според договорот од Пржино, Специјалниот обвинител треба да биде избран најдоцна до 15 септември, две недели по враќањето на опозицијата во Собранието. Тој ќе има надлежност да ги истражи случаите „Прислушување“ и „Пуч“. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top