| четврток, 6 декември 2018 |

Шекеринска не демантира, бара дебата, ВМРО-ДПМНЕ ја прашува кога грчкото ќе го замени со македонско знаме

По натписите на „Република“, поткрепени со фотографии од луксузната јахта се огласи потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска. Таа преку социјалнит мрежи повика на дебата, но притоа не демантираше ништо од напишаното и објавеното за луксузниот одмор на нејзиното семејство.

-Институциите коишто 9 години ги раководи ВМРО-ДПМНЕ сто пати го проверија целиот мој имот. Не најдоа ништо непријавено или незаконско затоа што нема. Што се однесува до летувањето на моето семејство еве предлог до власта: ВЕДНАШ да организираат дебата на која секој ќе покаже документи каде го поминал одморот, колку тоа чинело и од каде се покриени трошоците. Ајде, јас немам што да кријам.

Како знак на добра волја, нема да поставувам прашање за цената на очилата коишто станаа болна точка на власта, па поради тоа постојано лажат и навредуваат – напиша Шекеринска.

На ваквиот статус реагираше владејачката ВМРО-ДПМНЕ:

-После цела година платен одмор од Собранието (односно од граѓаните) и после вака убаво поминат луксузен одмор под грчко знаме, Вие госпоѓо Шеќеринска би организирале дебата со наслов како си го поминав летниот распуст. Г-ѓо Шеќеринска чувствуваме обврска да Ве потсетиме дека одморот заврши, а работата која сте заборавиле да ја работите не е третооделенска. ВМРО-ДПМНЕ се надоврзува на Вас г-ѓо Шеќеринска во протестот кон сите оние кои се дрзнале да го реметат Вашиот мир, барајќи од Вас информација за непријавениот имот, а кој се до сега секогаш чесно и транспарентно сте го пријавувале. Чесно си ги пријавивте петте стана, чесно си пријавивте 10 000 евра месечна кирија, чесно си го пријавивте луксузниот џип кој Вие го користите, а се води во сопственост на Дајнерс. Чесно си ја пријавивте луксузната вила во Маврово. Вие имате историјат на чесно и транспарентно пријавување на имот. И тоа имот за кој имате покритие и доказ за потекло. Тоа што медиумите мораа прво да Ве потсетат, тоа е заради нивниот недостаток од почит спрема еден транспарентен политичар како Вас.

Дополнително, кој може да се сомнева во потеклото на вашиот имот, кога Вие во вашиот живот ниту сте биле во раководство на СДСМ, ниту сте биле Потпретседател на Владата на РМ и не сте учествувале во ниту една приватизација. Она што Ви пуштаат гласини и муабети дека сте учествувале во приватизацијата на ЕСМ, дека сте му биле десна рака на Бранко Црвенковски и сте биле замешани во уште многу други такви работи, тоа никогаш не се случило. Вие сте нов и свеж, а пред се чесен лик на политичката сцена во Македонија.

Покрај тоа владејачката партија и постави неколку прашања, а при тоа, како што стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, воопшто не прашуваат за скапите и брендирани чизми и чанти и за деталите на договорите со Дајнерс преку кои легално добивале баснословни суми на илјадници евра секој месец.

Еве ги прашањата:

1. Кога планирате да го тргнете грчкото знаме и да го поставите македонското знаме на својата јахта?
2. Како може јахтата да ја крстите со име на својата ќерка, да не ја пријавите како сопствен имот и да мислите дека нема да Ве фатат? Од каде ви толкаво потценување спрема интелегенцијата на граѓаните?
3. Дали на одмор бевте со службениот џип кој е сопственост на фирмата Дајнерс и дали плативте за користење на џипот од сопствениот џеб или за тоа се потрошија пари од фирмата во која работи Вашиот сопруг?
4. Каква услуга Ви должи фирмата Дајнерс за да Ви плаќа илјадници евра за кирии во станови и куќи во кои Вие живеете? Дали тоа е исто како што беше кога бевте Потпретседател на Владата и сите во Вашиот сектор мораа да примаат плата преку Дајнерс?
5. Дали конечно отворивте агенција за недвижности која ќе се занимава со целиот недвижен имот со кој располагате?
6. Дали на луксузниот одмор поведовте и некој од Вашите членови кои ги оставивте на 40 степени да се борат за слобода и демократија додека Вие уживавте на Вашата јахта?
За почеток е доволно. А за Вас има уште многу што да се прашува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top