Македонската кошаркарска репрезентација ги продолжува подготовките за Европското првенство во Литванија, каде ќе учествува на турнирот во Каунас и заедно со репрезентациите на домаќинот, на Турција и на Хрватска ќе одигра пријателски натпревари.
Единствен кошаркар кој не отпатува со македонската делегација е центарот на МЗТ, Кире Николовски, поради приватни причини.
Тоа значи дека Николовски можеби е првиот кошаркар кој е избришан од списокот на селекторот, бидејќи Македонија по турнирот во Каунас продолжува за Шпанија, каде ќе одигра два меча со оваа репрезентација, а потоа патува за Летонија на две „контролки“ со оваа селекција.
Враќањето во Скопје се очекува на 29 август од каде се патува за Загреб на почетокот од Европското првенство.
Сепак, од националниот состав, најавуваат дека Николовски може повторно да биде повикан доколку е потребно.
– Тој поради приватни причини не можеше да биде дел од нашиот состав на претстојните средби. Кире моментно е на стендбај и доколку е неопходно, повторно ќе биде повикан во репрезентацијата – истакнаа од македонскиот национален тим.
Македонските кошаркари вечерва ќе имаат можност да ги видат на дело своите противници, на дуелот меѓу Литванија и Турција, кој е прв на програмата на овој силен турнир. Првиот противник на Македонија требаше да биде репрезентацијата на Хрватска, но таа одби да игра со нашиот национален состав со образложение дека не сака да игра подготвителни натпревари со репрезентација со која ќе се сретне во групата во Загреб.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.