| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Школата за млади лидери е влог во европеизацијата на Македонија

иванов

Сите сакаме да бидеме во Европа и да бидеме Европјани. Оваа школа е влог во таа европеизација на Македонија, и доколку поради познатите блокади не можеме да бидеме дел од ЕУ, барем младите да ги направиме Европјани во Македонија, да ги почувствуваат вредностите што ги имаат нивните врсници кои имале среќа да бидат дел од ЕУ. Ова го истакна меѓу другото претседателот Ѓорѓе Иванов во обраќањето пред учесниците на Школа за млади лидери што по негова иницијатива по шести пат се одржува во Охрид.

– Моментот на одлука е она што Ве прави да сте свои. Носењето одлука е она што влијае врз другите да го почитуваат она што сте го направиле. Човек што не носи одлуки е склон да робува, да се покорува, а оној што носи вистински одлуки е учител, оној што го следат – истакна претседателот Иванов, забележувајќи дека токму тоа е интенцијата на школата за млади лидери – од успешните луѓе да направи уште поуспешни, да создаде позитивни примери за другите.

Говорејќи за брзиот технолошки развој на цивилизацијата, тој укажа на брзиот развој на технологијата, огромниот развој на информатиката, информатичкото општество, сето тоа како влијание врз, како што рече „планетарното општество, глобалната свест што се гради кај сите“.

– Вие ќе живееете во свет во кој ќе имате пристап до огромен број податоци, сознанија, информации така што наша задача е да ве оспособиме како да знаете да се ориентирате во тој свет, да знаете како да го користите знаењето, да го примените и истото да го ширите. Оттаму оваа е школа за вештини, а не за знаење, бидејќи знаење веќе имате – рече претседателот Иванов.

Тој им порача на младите лидери да ги користат искуствата, знаењата, умеењата на предавачите, професорите, за преку меѓусебна соработка, како што забележа формирање „мрежно мислење“, односно не да мисли само за себе, туку да мисли за другите, за средината, околината, својата држава, континент, свет…

– Ве оспособуваме да бидете луѓе кои ќе знаат да водат, и во културата и во уметноста. И во здравството и во образованието, и во политиката и во спортот. Затоа ве има од сите профили, вие сте оние луѓе што треба да им го покажат патот на тие што ќе дојдат после вас – нагласи претседателот Иванов.

Пред учесниците се обратија и поранешниот претседател на Бугарија Петар Стојанов, како и поранешниот шеф на италијанската дипломатија и еврокомесар за правда Франко Фратини.

Стојанов укажа на потребата од споделување заеднички вредности во регионот и во светот во целина, и тоа не само преку декларации и резолуции, туку преку вистинско создавање мостови, за што се потребни токму луѓе со визии, со способности да создадат заедничка визија за заедничка европска иднина.

– Старите стереотипи немаат веќе место во новите балкански стратегии, кои првпат после толку многу војни и непријателства претставуваат победничка стратегија за сите балкански нации. За да успее таквата стратегија, потребно е сите да веруваме во потребата од споделување заеднички вредности, и сето тоа да се случи брзо и ефикасно – рече Стојанов.

Франко Фратини меѓу другото зборуваше за европската перспектива на Балканот притоа отворено, како судија, а не како дипломат или професионален политичар, укажувајќи на огромната потреба од млади лидери во Европа.

– Фактот што Македонија се уште е надвор од ЕУ, таа бескрајна приказна околу името, е последица токму на недостигнот на лидерство. Не е тоа бирократски проблем, туку отсуството на политичка волја…Сега можам да кажам дека тоа зависеше и се уште зависи од фактот дека не постои доволно храброст и политички лидерство во Европа, да се стави крај на таа приказна – рече Фратини.

Вкупно 44 учесници и околу 20 предавачи од Македонија, Европа, САД, Израел и Мароко се дел од Школата за млади лидери ќе се одржува до 28-ми овој месец.

Идејата на школата е да им се овозможи на младите, талентирани и иновативни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и лидерски способности, преку предавања и обуки од сферите на лидерството и менаџментот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top