| четврток, 6 декември 2018 |

Странските инвестиции можност за вработување и ангажирање на студенти

studenti500
Инвестирањето на странските компании отвора можност за вработување на македонските студенти од техничките факултети. Деканот на факултетот за електротехника и информатички технологии Миле Станковски вели дека нивни студенти веќе се вработени како инженери во странските фирми кои инвестирале во Македонија.
-Новите странски инвестиции и отворањето на нови компании од областа на нашиот факултет отворија нови работни места, го збогатија пазарот на трудот од техничките науки, и инженерите кои излегуваат од техничките факултети сè повеќе имаат можност да се вработуваат во овие компании. Нашите студенти се вработуваат речиси во сите новоотворени компании. Секоја нова компанија има автоматизирани производни процеси и нашите инженери се вклучени во нив, вели деканот Станковски.

Можноста за брзо, директно вработување по завршување на студирање на техничките факултети, Станковски смета дека е една од причините за зголемување на бројот на новозапишани студенти токму на техничките факултети.

Водечкиот ирски провајдер на софтверки решенија за глобалниот финансиски пазар, Баракуда ја соопшти својата одлука да инвестира во Македонија и да отвори Центар за истражување и развој.

-„Баракуда FX“ за почеток ќе инвестира околу еден милион евра и ќе вработи околу 80 до 90 лица, а понатаму оваа бројка ќе продолжи да расте. Целта е, од она што сега го има компанијата како главен производ за тргување на светските пазари, да се развијат производи во Македонија за другите сегменти во финансиското работење, истакна вицепремиерот Владимир Пешевски по средбата одржана неделава со претставници на компанијата.

За еден месец компанијата ќе почне да работи, а процесот за регрутирање на луѓе веќе е започнат.

Според Морис Куран, еден од основачите на компанијата, менаџерскиот тим многу лесно ја одбрал Македонија како дестинација за инвестиции поради одличните услови што ги нуди, посебно инфраструктурата, економијата и расположливиот кадар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top