| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Владата досега изгради 383 водоводи и канализациски системи

DSC_0273Владата досега изгради вкупно 383 водоводи и канализациски мрежи низ целата држава, во вредност од 38 милиони евра. Владата ги решава најгорливите проблеми на граѓаните и инвестира во градење водоводи и канализации.

Ова денеска го истакна премиерот Никола Груевски, одговорајќи на новинарски прашања во општина Илинден, каде изврши увид во градежните активности на новата амбуланта во населеното место Миладиновци и го посети основното училиште „Браќа Миладиновци“, каде е во тек реконструкција.

– Во моментов се градат 23 нови водоводи и канализации, во вредност од 11 милиони евра. За две години планираме градба на нови 19 водоводи и канализации, вредни 20 милиони евра, потенцира Груевски.

Премиерот рече дека посветуваат многу внимание на овој сегмент и додаде оти некаде се работи за помали, а некаде за поголеми системи. Но, како што рече, тие секаде многу им значат на луѓето зашто се решава едно сериозно прашање за граѓаните, независно дали се работи за помало или поголемо населено место.

– За жителите кои се уште користат септички јами или немаат вода за пиење од водовод, па користат од бунари, ова им е од големо значење. Ние тоа го знаеме, нагласи Груевски.

Тој информира дека е извршено скенирање на терен во Република Македонија, обезбедени се средства од буџетот и се знае точно која година колку ќе се изградат.

– Постепено, секоја година ги градиме, онака како што ги имаме ветено во нашата програма пред граѓаните. Немаме заостанување. Тоа што сме им го ветиле на граѓаните за еден период, или е изградено или е во фаза на градба, посочи Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top