| четврток, 6 декември 2018 |

Мезиер: Емигрантите се плаќаат колку полицајците во Албанија, потребна е корекција

Германскиот министер за внатрешни работи, Томас де Мезиер побарал итно да биде разгледана одлуката за месечните износи на пари кои им се исплатуваат на азилантите, а кои според него се многу високи и претставуваат поттик за имигрантите кои доаѓаат од сиромашните земји.

Мезиер во интервју за телевизијата ЗДФ изјавил дека неговите европски колеги му рекле оти „стандардите во Германија се многу високи“, што значи, на Германија и е потребна дебата околу европските стандарди на човековото достинство и платите.

Тој потсетил дека „бегалците во Германија месечно добиваат колку што на пример изнесува месечната плата на полицајците во Албанија или Косово“. Исто така тој нагласил дека не е можно оваа помош да биде прекината наеднаш, но оти може да се замени со на пример прехранбени и други производи.

– Сепак кога станува збор за износот на пари кои им се даваат на азилантите неопходно е тоа да се преразгледа, нагласил Мезиер.

Азилантите месечно на рака добиваат по 140 евра. Мезиер смета дека камповите за азиланти не треба да им даваат готовина на азилантите, а уште помалку тоа да им се исплаќа однапред во месецот. Парите, додал тој, и така завршуваат во џебовите на трговците со луѓе.

Германија е исправена пред значителен прилив на имигранти, меѓу кои голем број се од Косово, Албанија или Србија. Овие имигранти, кои бараат подобар живот и работа во Германија, оценил тој, не можат да добијат статус на бегалци каков што им се дава на лицата погодени од војни или злоставувања во своите татковини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top