Бесплатно образование, нови училишта, изградба на спортски сали, комјутер за секое дете, се само дел од успешно реализираните проекти во образованието во изминатите неколку години. Образованието е еден од најважните приортети на Владата и затоа од година во година се зголемуваат инвестициите и проектите кои придонесоа за зголемување на квалитетот на македонскиот образовен процес, пишува Лидер.
Што и колку се вложи во инфраструктурата?
Досега се изградени 70 нови, а реконструирани се 350 основни и средни училишта, за што инвестирани се 2,56 милијарди денари, велат за Лидер од Министерствто за образование и наука. Инаку последен пат, нов училишен објект беше изграден пред осамостојувањето на нашата земја.
Преку проектот за “изградба и опремување на 145 училишни спортски сали“, досега, изградени се и 47 училишни спортски сали во вредност од 1,4 милијарди денари, со што се обезбедија подобри услови за спорт и рекреација на повеќе од 40.000 ученици. Во многу училишта воопшто не постоеја простории за реализација на часовите по спорт и спортски активности, како и за рекреација на учениците,а сега добија современи, целосно опремени спортски сали.
Задолжително, бесплатно образование
Во земјава се воведе задолжително, но и бесплатно образование за сите граѓани до 18 години. Веќе 6 години се обезбедуваат бесплатни учебници за сите ученици во основното и средно образование, за што се инвестирани повеќе од 2,15 милијарди денари (35 милиони евра). Овој концепт ќе продолжи да се спроведува и во иднина како бенефиција за околу 200.000 родители, на 280.000 ученици, кои за разлика од некои други времиња, мораа да плаќаат за секој учебник по 300, 400, 500 денари и повеќе, односно од 100 до 150 евра годишно, сега тоа е обврска на државата, исто како и обезбедувањето на бесплатен превоз за учениците коишто посетуваат училишта кои се оддалечени повеќе од 2,5 километри од нивните домови. Дека образованието останува приоритет на владата, па така и годинава продолжува проектот за бесплатни учебници, изјави пред неколку дена и премиерот Груевски.
“Оваа година ќе извршиме замена на старите со нови учебници. За таа цел ќе бидат испечатени нови учебници од прво до деветто одделение во основното образование и од прва до четврта година за средно образование. Во тој дел исклучок се само учебниците по математика и природни науки во седмо, осмо и деветто одделение кои согласно Акцискиот план за воведување на Кембриџ образовниот систем ќе бидат воведени во септември 2016 година. Лани беа заменети учебниците по Кембриџ системот за математика и природни науки за прво, второ и трето одделение, годинава ќе бидат заменети за четврто, петто и шесто одделение, а догодина за седмо, осмо и деветто“ изјави Груевски.
Македонија – лидер во имплементација на Кембриџ образовен систем
Значајна реформа во земјата е и воведувањето на деветгодишно основно образование, усогласено со глобалните образовни трендови и процеси. Оваа реформа е проследена со изработка и воведување на нови наставни програми по многу од предметите. Исто така изучувањето на англискиот јазик се воведе уште во прво одделение, воведување на предмет иновации во деветто одделение. Суштинско надополнување на оваа реформа е и воведувањето на наставните програми и учебници на Кембриџ. Односно од учебната 2014/2015 година учениците од прво до трето одделение ги изучуваат предметите математика и природни науки по целосно нови, наставни програми и учебници на Меѓународниот центар за наставни програми на Кембриџ, практично најголемиот светски провајдер на меѓународни образовни програми и квалификации за деца на возраст од 5 до 19 години, чиишто програми се прифатени во 160 земји и над 9000 училишта. Од следната учебна година, ќе бидат опфатени и учениците од четврто до шесто одделение, а од 2016/2017 година ќе бидат опфатени и учениците од седмо до деветто одделение. Со оваа реформа Република Македонија стана единствената земја и лидер во регионот, кој го имплементира еден од најквалитетните, Кембриџ образовниот систем. Освен во основното, предмети од областа на бизнисот, иновациите и претприемништвото се воведени и во средното образование.
Воведен е процес на екстерна проверка на знаењата на учениците во основното и во средното образование и проверка на објективноста на оценувањето на наставниците. Kонцептот е меѓународно познат и признат. Се применува во 30 европски образовни системи и во 24 земји од ОЕЦД. ( Словенија, Хрватска, Латвија, Литванија.)
Проектот “Комјутер за секое дете“ jа оправда целта
Во 2007 година Владата на Република Македонија успешно го имплементираше проектот “Компјутер за секое дете“, кој е една од најголемите инвестиции во насока на зголемување на ефикасноста и квалитетот на образовниот процес во земјата. Целта на овој проект е зголемување на степенот на користење на компјутери и интернет со што значително се подобруваат информатичко-технолошките вештини на учениците, како и на нивните професори, преку можноста за побрз и едноставен пристап до образовните дигитални содржини и информациите на глобалната интернет мрежа.
Успешни реформи и во високото образование
Од 2006 година до сега отворени се 2 нови државни универзитети и 25 нови факултети, а од академската 2008/2009 година отворени се и 65 дисперзирани студии кои функционираат во 16 различни градови. Дополнително, Владата значително ги намали и ги унифицираше партиципации на факултетите. Од 2010/11 година па се до денес, студентите кои ќе се запишат како редовни студенти и ќе влезат во државната квота плаќаат 200 евра годишно, а студентите кои ќе се запишат како редовни студенти во квотата со кофинансирање и како вонредни студенти плаќаат 400 евра годишно. И тоа е бенефит за сите студенти, но и за нивните семејства, затоа што претходно партиципациите изнесуваа и до 1200 евра годишно. Студентите пак, кои ќе се запишат на дисперзираните студиски програми на сите јавни високообразовни установи во Република Македонија ќе плаќаат 100 евра годишно.
Високо образование за возрасни
Веќе 5 години е достапен Проектот 30/35, со кој се овозможува дооформување на високото образование на возрасните( жени над 30 и мажи над 35 години) под одредени финансиски поволности, односно поголема достапност на високообразовните установи на лицата коишто поради какви било причини во минатото не биле во можност да се стекнат со високо образование. Имплементацијата на проектот започна во студиската 2010/2011 година и преку него досега на високообразовните установи се запишани околу 1.500 студенти, кои студираат со партиципација од 200 евра годишно. Со сето ова, високото образование стана подостапно од било кога во минатото. Владата смета дека можноста за формализацијана високото образование, може и треба да им се обезбеди на сите заинтересирани граѓани.
Лаборатории, литература, преводи…
Високо образовните установи добија 80 лаборатории за научно – истражувачка и апликативна дејност во повеќе различни области, за што се издвоија 1,6 милијарди денари, односно околу 27 милиони евра. Во делот на литературата, студентите имаат можности кои исто така, во минатото ги немале и ниту една Влада не се сетила да им ги понуди. Веќе неколку години се реализира проектот за превод на “1000 стручни и научни книги“ од кои се учи на најпознатите универзитети во светот. Тоа значи дека нашите студенти можат да го стекнат знаењето или да ги добијат информациите кои ги имаат нивните колеги од Оксфорд, Шефилд, Кембриџ, Јејл и така натаму. Досега се преведени 919 наслови, но проектот нема да заврши со преводот на сите 1000 наслови, затоа што дополнително направена е измена на Законот за високо образование, со која се предвидува секоја година, почнувајќи од оваа за потребите на домашните факултети да бидат преведувани нови 50 учебници, кои се користат на првите 10 најдобро рангирани универзитети во светот според Шангајската листа. Голем дел од студентите бесплатно добија современа информатичка опрема. Изграден е систем за стипендирање, кој нуди повеќе од 40 различни видови на стипендии.
Зголемување на ученичките и студентските стипендии, подобрување на студентскиот стандард
Во насока на унапредување на студентскиот и ученичкиот стандард, од април оваа година износот на стипендиите кои се доделуваат за студентите и средношколците во земјата се зголеми за 10%. Усвоен е нов Закон за студентски стандард кој обезбедува транспарентна и правична распределба на стипендии и легла во студентските домови, со посебен акцент на студентите од социјално ранливите семејства. На овој начин се стави крај на шпекулациите дека леглата и стипендиите се доделуваат по, условно речено “партиска линија“.
Во меѓувреме инвестирани се 250 милиони денари во насока на подобрување на стандардите за сместување во студентските домови (повеќе од 4 милиони евра). По цели 40 години за прв пат, минатата година изградени се нови капацитети во рамки на студентскиот дом Стив Наумов (8 нови современи павилјони во вредност од околу 103 милиони денари, односно 1,5 милион евра), а во тек е реализација на етапната, целосна реконструкција на студентскиот дом Гоце Делчев, за што ќе бидат инвестирани околу 347 милиони денари( 5,5 милиони евра). Активностите ќе бидат заокружени некаде на почетокот на 2017 година.
За прв пат, Владата формираше и Фонд за иновации и технолошки развој, којшто има почетен буџет од 570 милиони денари, со кои ќе се поттикнува иновативната дејност, развојот на иновациите и нивната комерцијализација. Првиот повик кој беше објавен, обезбеди финансиска поддршка за старт ап и спин оф компании со вкупен износ од 600 илјади евра, а проектите што ќе се финансираат се до 30.000 евра, односно покривање на 85 проценти од трошоците. Одобрени се вкупно 16 проекти и договорите се веќе потпишани. Поимот иновации беше непознат за претходните владини гарнитури.
Научни субвенции
Во однос на науката Владата во изминатите неколку години воведе неколку бенефиции за научно истражувачката и професорската фела. Се воведоа научни субвенции – еднократни финансиски средства во висина од 500 евра за објавени научно-истражувачки трудови на домашни автори во меѓународни научни списанија со фактор на влијаниe. Еден вид награда за вложениот труд и стимулација за континуитет во заложбите, но и мотивација за сите останати научни работници коишто од било какви причини во минатото не изработиле или немале можност да објават личен труд во списание со фактор на влијание. Се воведоа и творечки субвенции – еднократни финансиски средства во висина од 500 вера, за творечки дејности реализирани од страна на наставници и соработници на високообразовни и научни установи од научните области на ликовната уметност и архитектурата, драмската уметност, музичката уметност, филм и книжевност. Се финансираат национални и билатерални научно истражувачки проекти.
Програми на Европската Унија
Европската комисија ги отвори вратите за Република Македонија за користење на бенефициите кои ги нуди програмата “Еразмус плус 2014-2020 година“ која ги наследи доскорашните програми “Доживотно учење” и “Млади во акција”, чијашто искористеност на вкупните средства од околу 1,7 милиони евра, благодарение на заложбите на Владата за промоција на самите програми и поддршка на апликантите изнесуваше повеќе од 90%.
Од 2015 година, буџетот за програмата Еразмус плус изнесува 3,5 милиони евра, што значи како резултат на зголемената доверба на Европската комисија кон нашата земја, износот на средствата е двојно зголемен. До 2006 година програмите на Европската комисија не беа достапни за нашата земја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.