| четврток, 6 декември 2018 |

Македонските одбојкари со сребро ја завршија Европската лига

mkd odbojka

Најдобрите вечерва загубија во финалето на Европската лига. Тие беа поразени од Словенија со 3-0. Сепак Македонија ја заврши лигата со сребрен медал, првпат во историјата на Македонија.

Капитенот Ѓорѓиев е разочаран што ја изгубија шансата злато да стои на нивните гради, но, исто така порачува дека треба да бидеме горди на оствареното.
„Словенија е за две класи подобра од лани, но мислам дека вечерашниот резултат не го отсликува реалниот однос на силите. Вчерашната победа над Естонија навистина многу нѐ истроши, но тоа не е оправдување за денешниот пораз. Како и да е, ние остваривме историски успех и треба да бидеме горди на тоа. Каде бевме пред две недели, а каде сме сега? Македонија мора да биде горда на нас”, вели капитенот Ѓорѓиев во изјавата што ја пренесува Спортмедиа.

Словенија во следната сезона ќе игра во Светската лига, а Македонија го очекува епилогот од состанок во вторник кога ќе се одлучува за форматот во Светската лига.
Јовица Симовски беше најдобар напаѓач и најдобар поентер во целата Европска лига оваа сезона.

„Денеска многу сакавме да успееме, но едноставно не можевме. Словенците беа полетни, лесни, а ние не можевме да ги следиме. Јас воопшто не сум разочаран. Не знам дека некоја друга репрезентација од Македонија играла финале. Можеби сум преморен. Се надеваме дека следната година ќе играме во Светската лига, но се надевам не со автобус“, заврши шеговито 33-годишниот Симовски, кој е репрезентативец со најдолг стаж.
Македонскиот селектор Жарко Ристоски искажа благодарност до сите свои одбојкари за прикажаните игри сезонава во Европската лига. Без оглед на вечерашниот пораз, тој потенцираше дека овогодинешното издание во европското натпреварување е огромен успех, најголем во историјата на македонскиот репрезентативен спорт.

„Се надевам дека сите љубители на спортот уживаа во овогодинешното издание на Европската лига. Потајно се надевавме на едно финале, го направивме и тој исчекор напред. Не можам да бидам незадоволен, пресреќен сум поради овие момци кои го оставија срцето на терен. Македонската јавност тоа го препознава, голема благодарност до сите што не поддржуваа во овој период. Словенија е навистина моќна, целата нивна стартна постава игра во Италија, што е доволен доказ за квалитетот на овој ривал. Овие два дена со отворени очи го живеевме нашиот сон, ветувам дека тука нема да застанеме“ – истакна селекторот Ристоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top