| четврток, 6 декември 2018 |

Во пораст бројот на заболени од рак на дебелото црево, 500 нови случаи годишно

Бројот на новооткриени случаи со карцином на дебелото црево последниве години во Република Македонија има тенденција на пораст. Годишно има околу 500 новооткриени случаи, а бројот на пациенти со смртен исход изнесува меѓу 300 и 400.

Ова денеска го изјави деканот на Медицинскиот факултет Никола Јанкуловски, кој рече дека ако во 2000/2001 година бројот на новооткриени случаи во Република Македонија се 10 на 100.000 жители, во последниве години тој број се зголемува и достигнува 20 на 100.000 жители. Ова се податоци за пациенти што завршиле со смртен исход.

Појасни дека бројот на новооткриени случаи последниве години има тенденција на пораст и се разликува бројката за мажи и за жени. Мажите, укажа тој, почесто заболуваат од ова заболување. Од 28 до 30 од новозаболените на 100.000 жители се мажи, а 20 се жени.

– Секако дека ова заболување претставува една закана која што има тенденција на пораст и еден од најважните моменти е да се открие што порано, со цел исходот на лекувањето и прогнозата на болеста кај пациентите да претставува успех на медицинскиот персонал во поглед на лекувањето, рече Јанкуловски.

Ризик-факторите, нагласи, во денешно време се добро познати, почнувајќи од семејната анамнеза кај овие пациенти. Потенцира дека кај пациенти кои во семејството имаат блиски членови кои биле заболени од карцином на дебелото црево ризикот ќе биде поголем, а исто така се смета дека кај пет проценти кај заболените има и наследна компонента.

– Возраста е исто така еден предиспонирачки фактор, односно пациенти со над 50-годишна возраст имаат поголем ризик да заболат од ова заболување и заради тоа сите превентивни скрининг програми што се преземаат од страна на Министерството за здравство имаат за цел да се откријат благовремено овие заболувања, особено кога се во фаза на полипи. Најдоброто нешто претставува ендоскопско, односно колоноскопско отстранување т.н. полипектомија кај тие пациенти кога болеста е во таа фаза кога не е се уште претворена во карцином, рече Јанкуловски.

Министерството за здравство, појасни, годинава воведе еден организиран систем на скрининг програми и од почетокот на годината до овој момент, се тестирани 1.600 луѓе во Република Македонија. Од нив постоеле резултати кои упатувале на вакво заболување приближно кај половината за да од сите тие кај кои е направена колоноскопија некаде кај десетина пациенти е откриена малигна болест.

Посочи дека треба да биде информирана јавноста и сите граѓани во Македонија, дека постојат тестови за скриено крварење или ФОБ-тестови кај пациенти кои се во сите овие ризични групи, така што сите кои се во овие групи треба да си побараат кај своите матични лекари да бидат тестирани за т.н. тест за скриено крварење во столицата.

Со тоа, истакна, секако дека ќе се зголеми процентот на рано откриени заболени што, сепак, претставува еден добар момент во поглед на нивното излекување ако веќе ја имаат болеста во својата почетна фаза.

– Луѓето треба да се информирани за сите ризик-фактори, како што се фамилијарната анамнеза, возраста, физичката активност, начинот на исхрана…Науката денеска го има добро утврдено фактот дека луѓето кои се хранат повеќе со растителни влакна имаат помала можност да заболат од ова заболување за разлика од луѓето кои јадат храна од животинско потекло, главно масти или луѓе кои јадат конзервирана, обработувана храна итн. Сето тоа го зголемува процентот на појава на ова заболување, додаде Јанкуловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top