Министерот за одбрана Зоран Јолевски и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија генерал потполковник Горанчо Котески денеска се сретнаа со поранешни министри за одбрана, поранешни началници на ГШ и со пензионирани генерали. Средбата се одржа во пресрет на 18 Август, Денот на Армијата.
– Ова е традиционална средба на министрите за одбрана и генералите од Армијата на Република Македонија, средба на која ќе разговараме за плановите на Армијата и Министерството за одбрана во текот на следната година. Секогаш по повод 18 Август, Денот на АРМ се сретнуваме за да размениме мислења, да ги информирам за реформите кои досега сме ги направиле во АРМ и Министерството за одбрана, а исто така да ги информирам и за плановите во следните 12 месеци, изјави Јолевски пред почетокот на средбата.
Тој посочи дека ќе ги информира за досегашните реформи што се направени посебно во Воената академија, во рамките на Армијата. – Ќе разговараме и за најважната надворешно политичка цел на Министерството за одбрана, а тоа е членството во НАТО, ќе ги информирам за тоа што направивме изминатата година и кои ни се плановите до следниот Самит на НАТО во јули идната година во Варшава, додаде министерот Јолевски.
Првиот министер за одбрана во Република Македонија, Трајан Гоцевски потсети дека се изминати 23 години од формирањето на Армијата. – Денеска можеме да бидеме горди на неа, затоа што за краток период создадовме релативно мала, но модерна, оператибилна, ценета институција, ценета во Република Македонија и надвор. Секогаш е убаво кога има такви поводи повеќе да се зборува за иднината, посочи Гоцевски.
Додаде дека секој кој работел некој период во одбраната, може нешто да сугерира во смисла на тоа да се забрзаат процесите на развојот, на реформите и да се постигне крајната цел на нашата политика за национална безбедност, а тоа е да станеме рамноправна членка на НАТО и дел од европското семејство.
На 18 август 1943 година на Славеј Планина, во областа Дебарца, беше формиран баталјонот „Мирче Ацев”, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија. Денот на формирањето на баталјонот се смета за роденден на АРМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.