Претседателот на Рубин Казањ, Ајрат Гараев вели дека нема место за паника по лошите резултати на клубот на стартот од руското првенство, а за смена на тренерот воопшто и не размислува. Рубин е последната пречка на Работнички за пласман во фазата по групи во Европа Лигата на УЕФА, а во руското првенство по 4 кола има исто толку порази со гол-разлика 0-7.
„Очајно ни требаат голови, а нашите офанзивци за жал не успеваат да го најдат патот до голот на противниците. Имаме млада екипа, но не сме задоволни од ангажманот на теренот особено на помладите фудбалери. Но, најпрво да ја пробиеме бариерата наречена погодок, потоа се ќе биде полесно. Рубин има квалитет за подобри игри и резултати и верувам дека наскоро ќе почнеме и да победуваме“, вели Гараев во интервју за руската агенција „Тас“.
По последниот пораз од Ростов со 0-3 на домашен терен, дел од играчите и се извинуваа на публиката за лошто издание, а голем проблем за Рубин е што одамна минаа блескавите денови на клубот, кога во 2009 година беше победена Барселона на „Камп Ноу“ и клубот дури играше и четвртфинале во Лигата на шампионите. Руските медиуми објавија дека клубот од Казањ е и во финансиска криза и дека нема пари за квалитетни засилувања.
Сепак тимот е спој на одлични фудбалери од странство од калибарот на Гокдениз Карадениз, Карлос Едуардо, Лемос и потенцијални или стандардни руски репрезентативци како што се Кануников, Оздоев, Портнијагин, Рижиков…
Првиот меч од плејофот за настап во ЛЕ ќе се игра на 20. август во Скопје, а реваншот е една седмица подоцна во Казањ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.