| четврток, 6 декември 2018 |

ЕК: Балканот ја има поддршката од ЕУ, но не и за изградба на прифатни центри

ек

Брисел сака да ги поддржи земјите од Балканот во решавањето на проблемот со приливот на мигранти, но изградбата на масовни центри од страна на ЕУ не е планирана ниту во Србија, ниту во која било друга земја, изјави денеска за виенскиот весник „Пресе“ портпаролот на претставништвото на Европската комисија во Австрија, Хајнц Мико.

Според него, можна е финансиска поддршка од средствата на ЕУ за решавање на „најитните хуманитарни потреби“. – Но, за тоа за што конкретно ѝ е потребна поддршка, српската влада мора прво да ја информира Европската комисија – рече тој.

Меѓутоа, како што истакна, не е планирана изградба на масовен центар „ниту во Србија, ниту во некоја друга земја од регионот“.

Претседателот на српскиот собраниски Одбор за одбрана и безбедност, Момир Стојановиќ, вчера за весникот „Блиц“ изјави дека во Србија наскоро може да се појави центар за 400.000 азиланти, а министерот за труд, вработување, боречки и социјални прашања, Александар Вулин, истакна дека градбата на еден таков центар ниту е во план, ниту е можна.

-Бидејќи ЕУ нема решение за големиот проблем со мигрантите, една од можностите е да ја финасира изградбата на големиот центар . Се шпекулира дека ЕУ сака таков центар некаде на Балканот, а дека има големи шанси тоа да биде токму во Србија. Исто така, се зборува дека локацијата за центарот би била некаде на југот од Србија и дека таквиот град за азиланти најверојатно би бил од монтажен тип- рече Стојановиќ за „Блиц“.

Коментирајќи ги овие наводи, Вулин изјави дека во Србија нема да се гради центар „ни за 400.000, ни за 4.000 мигранти“ бидејќи тоа не е политика на земјата. Тој додаде дека никој не го барал тоа од Србија, а и да го побарал, Србија никогаш не би прифатила.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top