Голем интерес за запишување во прва година во 2015/2016 година има на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје (ФЕИТ) каде што аплицирањето е електронско и во тек. За оваа година на ФЕИТ се предвидени вкупно 600 слободни места, 460 за редовни студенти во државната квота и 140 за редовни студии со кофинансирање.
Деканот на ФЕИТ Миле Станковски очекува во првиот рок да бидат запишани повеќе од 360 студенти, колку што беше квотата во минатите години. Квотата годинава е зголемена токму поради сè поголемиот интерес на матурантите да студираат технички науки. Интерес за ФЕИТ секоја година има и од по 10-15 студенти од странство.
– Квотите кои ги баравме ни се одобрени од Владата и очекуваме дека оваа година ќе го надминеме бројот од минатата година. Можеби нема да го достигнеме бројот 600, но се надеваме дека државната квота во целост ќе ја исполниме. Според тоа што го имаме досега на пријавувањето преку интернет, интересот е исклучително голем. И покрај тоа што добар дел од средношколците ги немаат добиено дипломите, бројот на пријавени по интернет е поголем од изминатите години. Особено нѐ радува што квалитетот на пријавените кандидати е многу висок, 80 отсто се со повеќе од 90 поени. Тоа за нас е многу битно зашто инсистираме на тоа, а досега и го постигавме – да примиме добри кандидати со што не е проблем да го одржиме квалитетот на образованието што го нудиме – изјави Станкоски.
Според деканот на ФЕИТ, Македонија го следи светскиот тренд за зголемување на бројот на студенти на техничките факултети. Со тоа, рече тој, прилично е поголема и можноста за вработување особено сега, кога во земјава доаѓаат странски компании на кои им требаат инженери.
– Добар дел од менаџерите на компаниите бараат инженери и имаат проблем да најдат инженери што се без работа. Па, добар дел од нашите инженери и пред да дипломираат одат на работа – додаде Станкоски.
Студентите на ФЕИТ се оспособуваат со практика, која мора да трае барем еден месец во годината. За таа цел ФЕИТ има склучено договори за соработка со повеќе од 100 компании каде тие може да одат на практична работа.
ФЕИТ има и богата меѓународна соработка. Продеканот Александар Ристески изјави дека во последните 15 години факултетот има реализирано повеќе од 200 проекти. – Поголем дел од нив се меѓународни, и во рамки на тие проекти, остварена е соработка со повеќе од 300 универзитети, компании, истражувачки центри, главно од Европа, но и од Америка, изјави Ристески.
Електронското пријавување на ФЕИТ ќе трае и во деновите на упис во првиот рок (на 13 и 14 август), кога покрај пријавувањето на интернет, кандидатите треба и лично да ги донесат документите на факултетот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Студентите три дена кампуваат пред „Стив Наумов“ и Кузман: Списоци има, домовите неспремни за вселување (галерија)
-
Одбележани 67 години од убиството на петтемина струмички студенти
-
Концерт на Македонската филхармонија и студенти од ФМУ
-
Иселените млади ќе ги враќаа, а на студентите им кратат од храната: Владата на СДСМ го укина појадокот во студентските домови