| четврток, 6 декември 2018 |

Украден металниот дел од споменикот на ваташките младинци

Непознати сторители по кои трага полицијата го украле простанатиот дел од бакарниот релјеф на споменикот на „12. Ваташки младинци“ во месноста Моклиште, информираат од Службата за информирање при кавадаречката локална самоуправа.

12vataskimladinci

Тие посочија дека три пати досега се крадат делови, а овој пат целосно е украден металниот дел од Спомен обележјето на стреланите ваташки младинци во јуни 1943 година во Моклиште.

– Во саботата на 8 август кога директорот на Музеј галеријата, Петре Камчевски престојувал лично на спомен обележјето во Моклиште забележал дека го нема на своето место овој 50-ттина килограми тежок дел од споменикот. Го побарал да не е фрлен во околината и откако не нашол ништо, пријавил во државните институции за споменично и културно наследство и до надлежните органи во Општината, со цел да се најде извршителот на ова срамно дело и соодветно да се санкционира, истакнаа од Службата за информирање при општина Кавадарци.

Градоначалникот Александар Панов го осуди овој срамен чин на сквернавење на историјското наследство и апелира до надлежните да го расветлат случајот и крадците да ги изведат пред лицето на правдата.

– Нема зборови со кои може да се опише било каков нецивилизиран и кукавички гест, особено на споменик во чест на 12 млади патриоти кои го дадоа животот за слободата на Македонија, рече Панов.

Покрај тоа што надлежните општински служби и стручните лица од музејот Кавадарци беа на увид на самото место, веднаш по кражбата на рељефот на споменикот на 12. Ваташки младинци, информирана е полицијата, како и надлежните републички институции, бидејќи се работи за споменик од прв ред.

Општината, Музеј-галеријата Кавадарци и републичките институции за Заштита на културното наследство ја разгледуваат можноста за начинот како да се интервенира на споменикот односно дали да се направи реплика на оргиналниот релјеф од бакар на авторите Јордан и Искра Грабул или да се предложи ново идејно решение.

Рељефот го симболизира убиството на 12. ваташки младинци и е изработен од бакар. Најверојатно бакарот е причината поради која се одлучиле арамиите да го украдат.

Ова е трет пат да се посегне по уништување на споменикот. Во два наврати беа кршени и украдени делови од релјефот, а сега е однесен преостанатиот дел. Претходно беа украдени бронзените букви со имињата на жртвите, како и натписот на јужната страна од споменикот кој го симболизира тиквешкиот непокор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top