| четврток, 6 декември 2018 |

Манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“ посветена на творештвото на Веле Смилевски

На 14 и 15 август, охридското село Велестово по 27. пат ќе биде собирното место на македонските поети, уметници во рамки на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“.

velestovo

Оваа година манифестацијата е посветена на поетското творештво на Веле Смилевски. За неговото творештво ќе беседат Санде Стојчевски и Раде Сиљан. Стихови ќе читаат членови на Независната аматерска театарска група „Аматер“ од Охрид. Традиционално, покрај поетскиот портрет ќе се одржи и ликовна изложба.

Оваа година во изложбениот простор на старото училиште во Велестово со изложба на слики ќе се престави Литов Намдаг Јанчивин од Монголија, инаку почесент конзул на Монголија во Македонија.

За следниот ден на 15 август е предвидено во Планинарскиот дом во Велестово да биде промовиран зборникот песни „Меѓу две неба, песни за Велестово“ во кој се поместени педесетина песни посветени на Велестово од автори во светот.

Во рамките на оваа манифестација изминатите 25 години беше претставено творештвото на најпознатите македонски поети, сликари, критичари, меѓу кои Анте Поповски, Гане Тодоровски, Патре М. Андреевски, Матеја Матевски, Богомил Ѓузел, Радован Павловски, сѐ до претставници од помладата генерација, како Никола Маџиров и Владимир Мартиновски, а од сликарите гостуваа Вангел Наумовски, Боро Митриќески, Сергеј Андреевски, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски, Газанфер Бајрам, Славко Упевче…

Манифестацијата е помогната од Министерството за култура на Република Македонија, Општина Охрид, како и од други спонзори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top