За да го заштитите вашето дете, задолжително имајте детско седиште во автомобилот.
Во голем дел од сообраќајките за жал страдаат и мали деца. И покрај тоа што во нашата земја не постојат официјални податоци за процентот на користење на автомобилски седишта за деца, неофицијалните информации се многу загрижувачки и укажуваат на мал процент на родители кои купиле седишта за своите деца. Законот за безбедност во патниот сообраќај, кој моментно е во сила, предвидува забрана за превезување на лица помлади од 12 години на предното седиште. Истиот закон предвидува задолжителна обврска за користење на безбедносни појаси на сите места каде што се вградени. Во делот на употребата на детските седишта законот не предвидува задолжителна обврска, меѓутоа новиот закон за безбедност во сообраќајот кој се очекува да биде донесен, предвидува законска обврска за задолжително користење на детско седиште за деца до три години.
Зошто е потребно седиште за деца?
Студиите за безбедност во сообраќајот и ригорозните тестови извршени во рамките на Европската унија, покажуваат дека со правилната употреба на автомобилските седишта за 50 0тсто се намалува смртноста кај децата при судири, а кај бебињата и до 70 проценти. Родителите ја избегнуваат употребата на автомобилски седишта од различни причини, особено во градското возење и за кратки релации, бидејќи тие веруваат дека бавното возење не може сериозно да ја загрози безбедноста на детето. Но, тие погрешно мислат дека детето е безбедно во нивните прегратки или доколку се врзани со појас за возрасни. Треба да се запомни дека судир со брзина од само 25 километри на час – дејствува со сила околу 20 пати поголема од масата на објектот. Тоа значи дека дете чијашто телесна тежина, на пример, изнесува десет килограми – во такви околности, станува „тешко“ двесте килограми, така што рацете на мајката и прегратката не се соодветна заштита. Покрај тоа, ако децата не постигнале доволна висина и тежина за да ги користат ремените за возрасните, и покрај тоа што ги врзуваат, тие не им даваат заштита.
Најдобра препорака за родителите е секогаш да се користи соодветно столче, и покрај можните приговори или противења на детето. Тоа е еднакво важно, и на кратки и на долги релации, како и при мала брзина, а не само голема брзина, затоа што безбедноста на децата мора да биде на прво место.
Како да се избере соодветно седиште?
Автомобилските седишта се поделени во неколку групи, во зависност од телесната тежина на детето. Постојат различни модели од многу производители, кои можат да ги збунат родители. Најдобро е, тие да се одлучат првенствено за седиште што ја носи ознаката ECE R44, бидејќи тоа значи дека е произведен во согласност со строгите законски прописи и безбедносната регулатива на Европската унија. На седиштето во автомобилот, исто така, треба да стои ознака која укажува дека е извршен тест како и информации за видот на седиштето, односно да биде наведено тип на автомобил во кој може да се користи. Имајте на ум дека седиштето е направено во согласност со просечна висина и тежина на децата. Затоа, за да би можело седиштето да го штити детето на вистинскиот начин, мора да одговара на конституцијата на вашето дете.
Како правилно да се стави на столче? Може ли да се направи грешка?
Со секое седиште ќе добиете детални инструкции, со цртежи за правилно местење – важно е да се придржувате до нив. Кога се монтира, обрнете внимание поставеното седиште да не се движи лево или десно, туку да стои цврсто во место.
Каде да се постави седиштето во автомобилот?
Седишта од групата 0 : Кога станува збор за седиштето на група 0, најдобро е да се монтираат во задниот дел, во спротивна насока од насоката на патување. Никако не е препорачливо да се монтираат на совозачкото седиште, првенствено заради безбедносни причини, но и од опасноста да се активира воздушното перниче. Автомобилските седишта од другите групи најбезбедно е да ги поставите назад, во средината на клупата, а доколку тоа не е можно, тогаш се монтираат зад страната на возачот или на совозачот. Експертите препорачуваат дека децата смеат да се возат во насоката на патувањето само кога можат да седат независно и цврсто, како и да имаат телесна тежина над девет килограми, а оптималната возраст за тоа е околу една година.
Седишта од групата 0 и 1 : Најголем број од автомобилските седишта од групата 0 и 1 имаат и свој појас, со таканаречена заштита во три или пет точки (рамо, препони и бут). Ременот е правилно наместен доколку врзувањето е во средината на градите на детето, а може да проверите дали е добро затегнато, така што кога ќе го наместите детето – растојанието помеѓу лентата од појасот и градниот кош не треба да биде поширока од прстот.
Уште една работа која не смеете да ја заборавите. Строго е забрането детското седиште да се намести доколку има воздушно перниче кое се отвора директно пред него, бидејќи тоа би резултирало со тешки телесни повреди за бебиња и за мали деца во евентуалното отворање на воздушното перниче. Ако вашето возило има воздушно перниче што се отвора кон столчето, најдобро е тоа да го исклучите во некој од овластените сервиси за вашиот автомобил.
Тежина на детето и категории на детски седишта
Во согласност со тежината, автомобилските седишта се поделени во следните категории:
• 0 – за деца од раѓање до 10 килограми
• 0+ – за деца од раѓање до 13 килограми
• 1 – за деца од 9 до 18 килограми
• 2 – за деца од 15 to 25 килограми
• 3 – за деца од 22 до 36 килограми (бустер – безбедносни седишта).
Постојат и комбинирани седишта, кои покриваат повеќе групи истовремено.
Совети за подолги патувања
– Детето треба да биде лесно облечено, како би се чувствувало поудобно во седиштето. Доколку станува ладно, можете со нешто да го покриете.
– Не заборавајте да ја земете омилената играчка на вашето дете, за да му биде помалку досадно додека возите.
– Правете чести паузи на патот.
– Бидете трпеливи ако детето не сака да седи во столче. Не дозволувајте да се вози ако не сака да седне во седиштето, доколку сакате да се навикне на него.
Извор: РЕПУБЛИЧКИ СОВЕТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст