| четврток, 6 декември 2018 |

170 верници ќе скокаат по крстот во Вардар

Предвидено е да биде украсен и мостот со балони полни со хелиум наредени во форма на крст, кои потоа ќе бидат пуштени во воздухот заедно со јато гулаби

ggstefanНад 170 пријавени верници во сабота од мостот кај хотелот „Холидеј Ин“ ќе се обидат да го фатат светиот крст, кој во водите на реката Вардар ќе го фрли поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан. Богојавленската литургија ќе стартува во 9 часот во црквата „Св. Димитрија“ во Скопје, по што поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан заедно со свештенослужителите и верниците со литија ќе се упати кон мостот кај хотелот „Холидеј Ин“, каде ќе ги освети водите на Вардар. Чинот на положувањето на светиот крст во Скопје ќе биде напладне.

И оваа година, весникот “Нова Македонија” е организатор на манифестацијата „Водици 2013“ со чии купони до 14 јануари се пријавуваа граѓаните. Препорака до сите учесници што ќе се обидат да го фатат крстот е во вода да влегуваат исклучиво со обувки на нозете (сандали, патики и слично), како што беше и минатата година.

„Нова Македонија“ ќе подели специјални пропусници за сите учесници, нивните придружници, гости, новинарските екипи и други лица. Учесниците може да дојдат со најмногу двајца придружници, за кои ќе биде обезбеден посебен бокс по должината на кејот за да се избегнат турканици и метежи. За загревање и за освежување на учесниците ќе има и подвижна кујна, од каде што ќе може да добијат топол чај. Евиденцијата  на учесниците на денот на одржување на манифестацијата, 19 јануари, ќе биде на три пункта, каде што ќе има списоци по азбучен ред на сите учесници.

Годинашниот кум на манифестацијата Мите Јовановски за сите учесници ќе обезбеди маици, а за најсреќниот и други пригодни подароци. Предвидено е да  биде украсен и мостот со балони полни со хелиум наредени во форма на крст, кои потоа ќе бидат пуштени во воздухот заедно со јато гулаби. Екипите на Црвен крст ќе обезбедат три тима за прва помош, како и 12 спасувачи на копно и чамец со спасувачи во вода. Од брза помош ќе дојдат со две возила и мобилна екипа, која ќе дејствува по потреба. Сите учесници потребно е да се прегледаат на спортска медицина и потврдата да ја донесат на денот на одржување на манифестацијата.

Богојавление (Водици) – 19 јануари, согласно Законот за празници на Република Македонија, е неработен ден за верниците од православна вероисповед.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top