| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска е Св. Петка Летна, заштитничка од несреќи и болести

SV__PARASKEVA

Во православниот каландар постојат три личности со исто име света Параскева – Петка, поради што кај народот најчесто се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност.

Овие личности името го добиле поради тоа што се родени во петок, а петокот бил ден за подготовка поради тоа што кај Евреите во претхристијанскиот период саботата била празник. Оттука Параскева значи подготовка.

Оваа Параскева (Петка) беше родум од Рим. Родителите и беа христијани, така што од мали нозе ја воспитаа во Христовиот дух. Кога и умреа родителите го раздаде целиот свој имот на бедните и се замонаши. Со голема ревност го проповедаше словото Божјо, не криејќи се од никого. Така и стигна до римскиот суд. Неколку пати беше предавана на маки, но Господ ја исцелуваше на чудесен начин. Најпосле, некој кнез Тарасиј и ја отсече главата. Моштите и беа зачувани, а подоцна пренесени во Цариград. Пострада за Христа во вториот век.

Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести. Со нејзиното име се поврзани и чудотворни икони и многу лековити води наречени петочни води. Оттука и празнувањето на петокот како посебно тежок ден во неделата. Според некои записи од минатото во некои наши краишта (на пр. Мариово) петокот се празнувал повеќе од неделата.

(Подготви Марко Китевски)

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top