Работнички е европски хит и последниот македонски Мохиканец на европската сцена. Клуб што знае како да го спои доброто и корисното, односно успехот и добрите резултати со постојаното производство на талентирани играчи. Романтична е приказната за дебармаалци, кои успеваат да играат рамноправно и со таканаречените големи и мали екипи. Во квалификациите за настап во Лигата на Европа на УЕФА е отстранет балтичкиот двоец Флора и Јелгава и тоа по незгодните 0-1 во првите дуели, а потоа во Скопје падна и скапиот тим на Трабзонспор, проценет на околу 100 милиони евра. Приказната за успехот Работнички ја раскажува скромно, без многу врева, со добри игри на теренот, што наиде на симпатии кај спортската јавност во Македонија. Пред реваншот во Турција, гостин на „Република“ беше менаџерот на тимот на Работнички, Игор Ангеловски. И без разлика на резултатот во Трабзон (интервјуто е правено пред реваншот со Трабзонспор), романтичарите повторно, како и најчесто во новиот милениум, ќе бидат најуспешниот македонски фудбалски клуб на европската сцена.
Работнички е хит и остана последен Мохиканец на европската сцена. Очекувавте ли ваков успех, победа против скапиот проект на Трабзонспор и елиминација на балтичкиот двоец Флора и Јелгава?
Ангеловски: Па еве, ќе откријам една тајна. Секогаш имам една девиза и мислам само на следниот натпревар. На фудбалерите пред првиот меч во Летонија им реков дека ако ја елиминираме Јелгава, сигурно ќе го победиме Трабзонспор на домашен терен. Оптимизмот го темелев на квалитетот на играчите на Работнички, на еден прекрасен спој на младост и на искуство во тимот и на феноменалната атмосфера што владее во нашите редови. Ние и во Јелгава бевме подобри, доминиравме во сите сегменти на играта, а тоа го потврдивме со успех во реваншот во Скопје. Честитките од една фудбалска легенда од калибарот на Кардозо, кој призна дека го надигравме Трабзонспор во Скопје, и од Шота Арвелаѕе, кој искрено ни честиташе за прикажаната игра, се комплимент за Работнички дека се движи во вистински правец. Искрено верував дека можеме да стасаме до третото квалификациско коло, а покажавме дека во фудбалот нема мали и големи екипи, односно дека јазот во Европа се намалува. Да не заборавиме дека Трабзонспор е фудбалски проект со играчи што вкупно вредат повеќе од 100 милиони евра. Според буџетот и многу други сегменти турскиот тим е пред нас, но со машка игра во Скопје успеавме да ги надиграме и да ги победиме.
За македонски рамки Вашиот клуб прави вистински чуда. Имате одличен европски настап, а од друга страна постојано продавате Ваш производ, млади и талентирани играчи. Има ли Работнички капацитет да продолжи, па и да го развива овој проект?
Ангеловски: Апсолутно имаме капацитет и одлична стратегија да го развиваме проектот што го почнавме пред неколку години. Работнички веќе го препознаваат во фудбалските кругови како клуб што продуцира свои играчи, клуб што вложува во младите фудбалери. Постојано има интерес од талентираните играчи да се приклучат на проектот, кој им нуди одлични услови да се развиваат. Со таквата стратегија успешно се носиме со екипите што многу повеќе вложуваат во ангажман на готови играчи. Јас не велам дека стратегијата, на пример, на Вардар и на Шкендија да купуваат скапи играчи, за наши услови не е добра, но верувам во правецот што го одбра Работнички. Да инвестира во свој кадар во младинските категории и патем успешно да им пркоси на побогатите тимови и во Македонија и во Европа. Тој процес и проект ќе продолжи и верувам дека ќе најдеме модел и успешно да се развива.
Соработувате со големи клубови од рангот на Ајакс, Барселона, Шалке, Зенит, Удинезе… Талентирани играчи од фудбалската школа на вашиот клуб или заминаа во некоја од овие екипи или беа кај нив на проба. Има ли Работнички нови таленти за европскиот пазар?
Ангеловски: Има и играчи и, што е најважно, останаа и контактите што ги воспоставивме додека бев претставник во Европската клупска асоцијација. Наши играчи беа на проба во Барселона, Ајакс, Зенит, а успеавме да продадеме дузина млади играчи во клубови како што се Удинезе, потоа и Рен, Гент… Еве и Дарко Велковски летово замина во Вардар за рекорден трансфер во домашни услови. Во моментов Елиф Елмаз, кој нема полни 16 години, веќе една и пол година е следен од холандски клубови, тука се и Милан Ристовски, помалиот брат на репрезентативецот Стефан Ристовски, сериозно сметаме на Емир Сахити, кој е огромен потенцијал, и да не набројувам дополнително. Горди сме што и со резултатите и со успесите го потврдуваме исправниот пат на инвестирање во талентирани играчи. Впрочем, и на дуелот со Трабзонспор во Скопје имаше многу менаџери на трибините и комплименти и интерес од нив за дел од нашите играчи. Беа изненадени од добрата претстава на Работнички. Нема да споменувам имиња, само ќе кажам дека имаше скаути на клубови од топ 5 најсилните екипи во Европа. Добро е што со победи и со добри игри Работнички сѐ повеќе го врти вниманието на големите клубови на стариот континент. Контактите со дел од нив останаа, имаме пријатели во многу влијателни екипи низ Европа, а се трудиме и во секоја пригода да ги прошириме хоризонтите. Без разлика што веќе Работнички нема свој претставник во ЕКА, сѐ уште има контакти со влијателни луѓе во Барселона, Баерн, Ајакс, Удинезе и уште многу други клубови на европска почва.
Викендов почнува и македонското првенство. Може ли Работнички со сосема поинаков концепт, потпрен на сопствени сили, да ја издржи трката со побогатите Вардар и Шкендија, кои купуваат готови и скапи играчи?
Ангеловски: Изминативе две години покажавме дека можеме. Од четири можни титули, Работнички освои три, што верувам дека е успех. И, што е, исто така, многу важно за нас, некако ги освојуваме симпатиите на поголемиот дел од домашната спортска јавност. Убаво е кога ќе видите задоволни лица по натпреварите на Работнички. Играме офанзивно, без калкулации и, пред сѐ, борбено, витешки и машки фудбал, со што верувам дека ги освојуваме срцата на сите што сакаат да гледаат квалитетен фудбал. Треба да се нагласи дека Вардар и Шкендија во овој преоден рок уште позасилено ангажираа квалитетни играчи, што е добро за македонскиот фудбал и веројатно ќе донесе нов, подобар квалитет на домашната сцена. Ние, сепак, остануваме на предвидениот правец, со студиозна работа со млади играчи, со добра атмосфера во клубот и со спој на младост и на искуство да биеме битка со побогатите. Не се плашиме од никого, а секако дека ги почитуваме сите ривали. Вардар и Шкендија се фаворити, но верувам дека Работнички повторно ќе им пркоси на терен. И патем, како и секогаш во изминативе години, ќе се трудиме повторно да промовираме по некој талент од нашата младинска фудбалска школа.
Вашиот клуб е најуспешниот македонски претставник на евросцената во последните неколку години. Ќе се пробие ли таа засега голема пречка за настап во фазата по групи во Лигата на шампионите или во Лигата на Европа на УЕФА?
Ангеловски: Искрено, би сакал, но реално тоа е тешка мисија. Еве Вардар најавува постојано учество во фазата по групи во Лигата на шампионите, Шкендија направи тим за почит, тука е и Работнички. Како и секој Македонец, многу би се радувал наш клуб да игра со европскиот фудбалски крем, без разлика дали во Лигата на шампионите, или во Лигата на Европа и без разлика кој македонски клуб би успеал во тоа. Ни треба многу работа, а јас сум оптимист и верувам дека наскоро ќе успееме да ја пробиеме пречката што стои пред македонските клубови веќе 23 години. Таков подвиг би сменил многу работи на подобро во македонскиот фудбал и би бил одлична промоција и за државата. Во фазата по групи во ЛШ или во ЛЕ играат екстра-квалитетни екипи, чиешто гостување во Македонија рапидно би го кренало интересот за фудбал. За такво нешто треба да сме подрски на терен, со повеќе верба во сопствениот квалитет, но треба и макотрпна работа и континуитет во создавањето силни тимови.
Апсолутно ги заслуживте симпатиите на искрените љубители на фудбалот, без разлика на клупската припадност. Годат ли признанијата и дали го делите чувството дека Работнички не го добива заслужениот третман како најуспешен македонски клуб на евросцената?
Ангеловски: Па добро, тоа потценување нѐ мотивира дополнително, но морам да признаам дека не ни е сеедно. Затоа што апсолутно не заслужуваме таков третман. Напротив, Работнички и со односот на играчите на теренот и како клуб и со игрите и резултатите во Европа и на домашната сцена заслужува многу подобар третман. Ние си ја пишуваме нашата приказна, во спортски и ферплеј-дух, се натпреваруваме со сите рамноправно и очекуваме и таков третман. Еве во новото првенство Работнички нема да може да игра на националната арена „Филип Втори“, која е резервирана само за Вардар. Ние ќе играме во населбата Ѓорче Петров, но и таму и на сите терени ќе бидеме тврд орев за сите екипи. Имаме спортски здрав инает, поткрепен со квалитет и со позитивна атмосфера што верувам дека ќе му донесе на Работнички уште многу успеси и во сезоната што претстои.
Разговараше: Зоран Поповски
Фото: Ѓорѓи Личовски
(Текст објавен во 153. број на неделникот „Република“, 7.08.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.