| четврток, 6 декември 2018 |

Дебата на 10-те републикански кандидати за претседателска номинација

сад

За време на двочасовната дебата синоќа секој од 10-те водечки републикански кандидати за претседателска номинација изнесе свои приоритетни теми и ставови, јави ДПА.

Милионерот и бизнисмен Доналд Трамп вети дека ќе ги изгони незаконските имигранти и оти ќе изгради ограда по јужната граница на САД со Мексико. Тој ја повтори позицијата против абортусот, а за иранската нуклеарна зделка рече дека таа ќе донесе штета во поголем дел од светот.

Поранешниот гувернер на Флорида Џеб Буш говореше за создавање работни места, економски раст и политика против абортусот. Тој изјави оти сака да ја претвори имиграцијата во двигател за траен и висок одржлив развој, реформирајќи ги политиките во таа насока.

Гувернерот на државата Висконсин Скот Вокер се изјасни за подобра безбедност по јужната граница на САД и за укинување на федералното регулирање на економијата. Тој изјави дека ќе испрати воена помош за Украина, повеќе војници во Источна Европа и одново ќе го инсталира противракетниот систем во Полска и Чешка.

Поранешниот гувернер на Арканзас Мајк Хакаби ја поддржа идејата за силна американска армија. Тој се изјасни против трансексуалците во армијата и рече дека војската не е социјален експеримент.

Поранешниот неврохирург Бен Карсон побара да се зајакне воената моќ на САД по буџетските кратења во областа на одбраната и вети оружје за Украина.

Сенаторот од државата Тексас Тед Круз истакна дека американскиот претседател треба да е главен командант, кој јасно ќе даде до знаење дека секој кој ќе се присоедини кон Исламска држава, ја потпишува својата сопствена смртна пресуда.

Сенаторот од Флорида Марко Рубио рече дека ќе го укине системот на Барак Обама за здравствено осигурување, ќе се спротивстави на абортусот и вети намалување на корпоративните даноци.

Сенаторот од Кентаки Ранд Пол се изјасни против американското следење на внатрешните и меѓународните телефонски разговори и се спротивстави на американската воена помош за Израел со аргументот дека дури и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјавил дека неговата земја е посилна кога е независна.

Гувернерот на Њу Џерси Крис Кристи побара проширување на способноста за следење на Агенцијата за национална безбедност и зајакнување на американската армија.

Гувернерот на Охајо Џон Кејсик изрази подготвеност да го усвои решението на Врховниот суд за легализирање на геј браковите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top