| четврток, 6 декември 2018 |

Француски новинари по трагите од Прва светска војна во Македонија

Дванаесет млади новинари од Франција и Балканот се дел од патувачкиот новинарски семинар „По стапките на Албер Лондр“, што од 1 до 15 август ќе се реализира во Македонија.

novinari1

Младите журналисти, под менторство на шест познати француски новинари, покрај во Македонија ќе патуваат и во Албанија, каде ќе истражуваат и ќе пишуваат за трагите од Првата светска војна. Тие ќе „ги следат стапките“ на познатиот француски новинар и патописец, Алберт Лондр. Пред 100 години, токму Албер Лондр пишувал за ситуацијата во Македонија за време на Првата светска војна.

novinari

На патувачкиот семинар, младите новинари ќе искусат практична работа на пишување написи, репортажи, интервјуа и видео снимање. Во исто време, младите новинари ќе се среќаваат со локалното население, експерти, колеги од Македонија и Албанија. Ова практично искуство на младите новинари ќе им овозможи да стекнат нови вештини за новинарска работа и професионално да се развиваат. На крајот на ова патување, врз основа на изработените репортажи, младите новинари ќе направат краток документарен филм.

Проектот „По стапките на Албер Лондр“ се одржува по четврти пат на различни теми: во 2012 година младите новинари го истражуваа животот на младите на Балканот, во 2013 година известуваа од Тур де Франс.

Проектот е инспириран од патописите на Албер Лондр, познат француски новинар и еден од основоположниците на истражувачкото новинарство на почетокот на 20 век. Познат е по репортажите од целиот свет – Бразил, Камбоџа, Африка. Во Македонија престојувал  неколку години за време на Првата светска војна. Позната е неговата книга „Комитите“ во која ја опишува желбата на Македонците за независна држава.

Проектот е координиран од страна на организацијата „По стапките на Албер Лондр“ во соработка со Асоцијацијата на агенции за локална демократија (АЛДА) – Скопје. Се реализира во рамките на програмата за децентрализирана соработка Долна Нормандија – Македонија и мрежата на француски локални власти кои соработуваат со Балканот, Франција – Балкан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top