Кошаркарите на Куманово направија голем подвиг против Кожув, победија со 92-87 и утре ќе играат со МЗТ Скопје за титулата во националниот куп.
Почетокот на мечот најави лесна победа за тимот од Гевгелија, кој водеше со огромни 19 поени разлика во првиот период од играта. Српските интернационаци Филиповиќ и Мијајловиќ беа феноменални, а Кожув од првите 10 удари за три поени погоди дури 9. Предноста остана големи 13 разлика на полувремето, 58-45 за Кожув.
До почетокот на последниот период, негативата на Куманово остана двоцифрена, а пресвртот за голем подвиг и финале, почна во финишот. Со серија од пет поени кумановци, се доближија на минус 6, а на неполни 5 минути до крајот, беше израмнето 77-77. Сега Костоски, Димчевски и Луковиќ диктираа темпо. Противникот од Гевгелија го зафати нервоза. Водството се стопи, грешките почнаа да се множат, што искусните кошаркари на Куманово одлично го искористија и се пласираа во првото финале на националниот куп, во клупската историја.
Костоски одигра феноменален меч со 28 поени, Димчевски беше рамо до рамо со него и даде 25 поени, а лавовски се бореше и Луковиќ, кој го заврши полуфиналето со 14 поени и 11 скока. Кожув има за што да жали, бидејќи пропушти златна шанса, да игра меч за трофејот против МЗТ Скопје. Не помогна ниту извонредниот шутер Филиповиќ, кој погоди 6 тројки од 7 обиди и го заврши полуфиналето со 22 поени. Пековиќ и Божовиќ постигнаа по 17 поени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.