МЗТ Скопје ќе ја брани тутулата во националниот куп, по победата од 74-66, против Фени индустри. Аеродромци во реприза на ланскиот меч за трофејот, пак беа подобри од истиот противник. Овојпат една фаза порано, шампионот славеше нова победа.
Кавадарчани водеа само еднаш, во третата минута со 4-3, а се потоа беше во знакот на актуелниот шампион на Македонија и бранител на трофејот во купот. Исходот беше јасен уште по првото полувреме, што фаворитот го доби со предност од 13 поени, 45-32.
Продолжението на првото полуфинале, беше во знакот на тимот од Скопје, кој водеше со најголема разлика од 17 поени на 5 минути до крај. Ноа Далман со погодок од дополнително слободно фрлање зголеми на 69-52. Фени немаше сили за пресврт, па МЗТ Скопје ќе го чека подобриот од второто полуфинале, меѓу Кожув и Куманово.
Најефикасен поединец на првото полуфинале беше Дамјан Стојановски со 16 поени, а одлично одигра Кирил Николовски, кој го заврши мечот со 14 поени. МЗТ ја доби битката под обрачите и имаше 12 скока повеќе од поразениот тим (38-26). Кај поразениот тим се истакнаа Бојан Трајковски со 14 и Душан Кнежевиќ со 13 поени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.