Русија ги повика денеска Северна и Јужна Кореја како и САД да пројават максимална воздржаност откако Пјонгјанг објави дека е во „состојба на војна“ со Југот.
„Очекуваме двете страни да пројават одговорност и максимална воздржаност и никој да не ја помине границата од која нема враќање назад“, изјави Григориј Логвинов пратеник со специјална задача на руското МНР, да ја предводи руската делегација на шестстраните преговори.
„Не можеме да останеме нечувствителни на она што се случува крај нашите источни граници каде речиси секојдневно се упатуваат закани“, изјави дипломатот.
„Одржуваме постојанат врска со партнерите во тие преговори. Сите се стремат да не се дозволи состојбата да излезе вон политичко-дипломатски рамки“, додаде тој.
Според дипломатски извор на кој се повикуваат руски медиуми, Вашингтон и Сеул имаат засега примерни и мирни реакции.
Париз исто така повика Пјонгјанг да се воздржи од какви било провокации.
„Ја повикуваме Северна Кореја да се воздржи од нови провокации и да почитува резолуции на ОН и да се врати на масата за дијалог, изјави Филип Лалио“, портпарол на француското МНР.
Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле ја повика Северна Кореја да прекине да си игра со оган оценувајќи ја како сериозна заканата за регионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.