Селата Вејце, Бродец, Бозовце, Вешала, Нераште и еден дел од село Шипковица повторно имаат напојување со електрична енергија. Санирани се електричните столбови кои паднаа како резултат на силното невреме што го зафати тетовскиот регион во текот на вчерашниот ден, соопшти вечерва ЕВН Македонија.
– Екипите на ЕВН Македонија се сеуште на терен, а најкритична, според соопштението, е околината на село Шипковица, каде во моментов од вкупно три, под напон се две трафостаници. Како што се расчистуваат патиштата и приодите до енергетските објекти, така се очекува екипите на ЕВН да го отстранат и последниот дефект, и корисниците кои се напојуваат од оваа трафостаница да добијат електрична енергија.
Обилните врнежи и силни ветришта кои го зафатија тетовскиот регион предизвика големи штети на електродистрибутивната мрежа и оставија голем број корисници привремено без напојување со електрична енергија. Голем број од електричните столбови беа пандати, а каблите искинати. Благодарејќи на напорите на засилените екипи на ЕВН Македонија, оштетената мрежа беше санирана, се вели во соопштението. Екипите на ЕВН Македонија ќе останат на терен во текот на ноќта и утре, ќе се работи се’ додека не се воспостави нормално снабдување со електрична енергија за сите корисници, се вели во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.