Само како странски и тоа од седмо одделение децата од македонска националност од Голо Брдо ќе можат да го изучуваат македонскиот јазик. Ова е исходот од барањето до албанските власти да дозволат настава на мајчин јазик за Македонците во тамошното село Требиште. На одговорот се чекаше три месеци.
„Во согласност со законските одредби, наставата на странскиот обврзувачки јазик – англиски – ќе започне во трето одделение, додека во 7 одделение ќе почне настава за втор странски јазик, по избор. Врз основа на поднесените барања, училиштето го избира вториот странски јазик и го предлага до надлежната Канцеларија за oобразование. Канцеларијата за образование, земајќи ги во предвид ресурсите, било човечки или финансиски, донесува одлуки за вториот јазик кој ќе се изучува во училиштата кои се во нејзина надлежност”, стои во писмото oд Канцеларијата за образование во Булќиза.
Македонците во Албанија не се задоволни од одговорот, но не се откажуваат. Се надеваат дека до крајот на годината ќе издејствуваат факултативно изучување на македонскиот јазик, а потоа ќе ја продолжат битката се до целосно воведување на јазикот во училиштата. Сега, настава на македонски слушаат само децата во Пустец, единствениот регион во кој Албанија признава Македонци.
Областа Голо Брдо во Албанија се наоѓа во пошироката дебарска област, од другата страна на границата. Административно е поделена на три општини – Требиште, Острени и Стеблево, опфаќајќи 22 села населени со Македонци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.