| четврток, 6 декември 2018 |

Невремето во Tетовско однесе пет животи, 11 лица се повредени

Пет жртви, од кои тројца возрасни и две деца, го загубија животот во силното невреме што го зафати Тетово и околните села, според извори од Клиничкиот Центар – Тетово. Оттаму ни доаѓа и информацијата за 11 повредени лица, од кои едно е потешко повредено. Тоа било испратено на клиниките во Скопје, но е пуштено дома во стабилна состојба, како и останатите повредени лица.

11825002_1013707981983422_5077627597810246360_n

Од Секторот за внатрешни работи во Тетово потврдуваат за загинато малолетно машко дете од Голема Речица, чиј идентитет сѐ уште не е утврден, како и за 14-годишно девојче од тетовска Шипковица. Според информациите од СВР Тетово, идентитетот на девојчето веќе е потврден. Пријавени се голем број одрони и свлечишта, а според првичните информации има и загинати и од струјни удари. Најкритична е ситуацијата во Голема Речица, од каде што е и првата официјално потврдена жртва. Точната бројка на загинати и повредени ќе се утврди во текот на утрешниот ден.

Во попладневните часови Тетово и околните села беа погодени од силно невреме, кое предизвика хаос во сообраќајот во градот и големи материјални штети. Градот е прекриен со отпад, со кал и со откорнати дрвја. Полицијата го регулира сообраќајот, но градот е сѐ уште во хаос, иако реката е веќе повлечена. Градоначалничката на Општина Тетово, Теута Арифи, ги посети критичните места како Голема Речица. Таа изјави дека ситуацијата е сериозна, но општината е подготвена да се соочи со настанатиот хаос. Целокупната механизација со која располага општината е веќе на терен. Градоначалничката истакна дека утре Советот на општината ќе свика седница за дополнителен договор за соочување со настанатата ситуација. Таа испрати апел до граѓаните да не креваат паника, бидејќи ситуацијата е под контрола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top