| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Ја имаме одговорноста да работиме за нашиот народ и ние таа одговорност ќе ја оправдаме

gruevskislkas

Премиерот Никола Груевски во говорот по повод Денот на Републиката истакна дека борбата на Илинденците за слобода денеска продолжува со трка во напредокот со другите држави и народи, со интегрирање во ЕУ и НАТО, донесување на компании со највисоки технологии и пренос на знаењето, отворање на нови работни места.

– …со битката за повисоки стандарди на секое поле и во секој сектор, спроведувањето на континуирани реформи, и реализацијата на илјадници проекти, решавањето на крупните проблеми кои го оптоваруваат народот или државата, справувањето со најголемите предизвици и кризи, давањето многу нови можности за новите генерации, тоа е нашата борба и нашиот стремеж кон највисоките цели. Посилна држава, посреќен и помоќен народ во неа. Во слободна и независна Македонија, каде ние политичарите отчетот го даваме пред народот, а тој избира кому ќе му ја довери довербата да ја води државата, и во кој правец, истакна Груевски.

Тој нагласи дека не треба да се заборави оти делата на генерациите зад нас ни го трасираа патот и ни овозможија денес да се натпреваруваме на полето на напредокот.

– Една од пораките која во аманет ни ја оставија е дека треба постојано да се стремиме кон напредок, и само кон напредок, рече Груевски, цитирајќи го Делчев: „Да ја бараме вербата за успех во себе и во другите, ако ја има да ја разбудиме, ако ја нема да ја создадеме”.

Претседателот на Владата истакна дека нема откажување од стремежот за постојан напредок. Тој е, рече Груевски, нашата движечка сила, една од причините поради која овој ден останал запаметен повеќе од еден век не е случајна.

– Има причина зошто нашата нација веќе 112 години се навраќа на делата на своите предци. Восхитот кој го чувствуваме за нивните остварувања и за остварувањата на нивните следбеници од Народноослободителната војна постои со причина. Неисцрпната сила на овие луѓе служи како поттик и охрабрување за сите следни генерации и за нас како нивни наследници. Тоа е постојаниот стремеж за напредок, реле Груевски, додавајќи дека е големо делото кое треба да го надградуваме, но подеднакво голема е и честа да се работи за Македонија.

– Должноста на нашата генерација е да ја оставиме државата на нашите деца посилна, поразвиена, подостоинствена и постабилна отколку што сме ја наследиле од нашите татковци, рече премиерот на одбележувањето на Денот на Републиката – 2 Август Илинден во Скопје, пред споменикот на Методија Андонов-Ченто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top