| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Нашата генерација добро знае кој и зошто гинел за Македонија

gruevskislkasДенес сме собрани тука на ова место пред споменикот на Методија Андонов Ченто на централниот градски плоштад, плоштадот Македонија, во главниот град на слободна, независна и суверена Република Македонија, да го одбележиме националниот празник 2 август, на ден Св.Илија, кој има повеќекратно значење за Македонија, за Македонците но и за сите граѓани на Република Македонија, истакна премиерот Никола Груевски во своето обраќање по повод големиот празник Илинден.

-Денес одбележуваме 71 годинa од АСНОМ и 112 години од Илинденското востание. Денес е ден кога Македонија се сеќава, денес Македонија одбележува, денес Македонија ги слави хероите, делата и вредностите! Илинденците од 1903тата и антифашистите-народноослободителни борци се нашиот паметник. Тие се темелот на нашата денешна држава и слобода. Многу им должиме на нив, на нивнта лична жртва.  Пред малку положивме свежо цвеќе пред споменикот на президиумот на АСНОМ, и на претседателот на Крушевската Република Никола Карев. Со почит поминавме покрај споменкот на основачите на МРО-организацијата во чија организација беше спроведено  илинденското востание на поголем дел од територијата на Македонија, на 2ри август  во 1903тата, како и покрај споменикот на Питу Гули, човекот кој свесно одлучи да го положи животот на Мечкин Камен за да го симболизира македонскиот отпор и непокор, поминавме и покрај паметникот на Кузман Јосифовски Питу, еден од клучните идеолози на НОБ. Тука се и паметниците на Гоце Делчев, Даме Груев, и многумина други великани на нашата историја. На влезот на главниот град е паметникот на Михајло Апостолски, командантот на партизанските сили, и според многумина најавторитетната личност меѓу борците во тоа време на големи борби и жртви. Македонија не ги заборава. Македонија ги слави нивните дела, нивната храброст и нивната жртва. Сите генерации кои доаѓаа по нивната смрт, паметат и почитуваат, нивниот напор и стремеж кон највисоките цели, истакна премиерот.

Груевски посочи дека секоја генерација има свој стремеж кон највисоките цели. Во различно време, различни се целите и највисоките цели.

-Во времето на нашите Илинденци и асномци стремежот кон највисоката цел беше слободата и државноста која денес  ја имаме. Тие беа темелите на остварувањето на таа цел, која генерации и генерации подоцна ја надоградуваа, и во иднина ќе ја надоградуваат. Денешниот празник….денешните чествувања, сите одбележувања по повод Илинден, во Крушево, во Пелинце, тука во Скопје, во секое село и град во Македонија, во дијаспората, секаде каде што има луѓе кои си ја сакаат оваа земја како татковина,….сите тие прослави се јасно говорат  дека ништо не е заборавено. …И Ченто и Кузман и Гоце Делчев и Даме Груев и Апсотолски и Брашнаров, Татарчев и Павел Шатев, Христо Узунов и Чакаларов, и сите други знајни и нејзнајни јунаци можат да бидат мирни во своите вечни почивалишта, додава премиерот.

Нивното дело и нивната жртва вредеше, целите се остварија, посочи Груевски. Генерациите паметат и се заблагодаруваат на нивната жртва.

-Нашата генерација памети! Нашата генерација добро знае кој и зошто гинел за Македонија! Кој и што направил за слободата која денес ја живееме. Секоја манифестација, секоја песна, секое наздравување денес е во име на нашите предци кои кога било потребно се запишале во историјата и со име и со дело и со чест, и со лична жртва! Нека им е слава и чест на нашите херои! На целата илинденска генерација и на целата антифашистичка генерација! Нивното дело за навек ја задолжи Македонија и сите идни генерации ! Да се сеќаваме, да прославуваме, да одбележуваме и да земеме пример како се сака Македонија и како се работи за својот народ ! И како се бори за остварувањето на највисоките цели, заклучи премиерот Никола Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top