| четврток, 6 декември 2018 |

Вељаноски: Илинден меѓник на минатото и иднината на Македонија

Veljanovski-2-copyМакедонија покажала дека има капацитет да се носи со тежината на проблемите што произлегуваат од нејзината самостојност, истакна денеска претседателот на македонското Собрание Трајко Вељановски во обраќањето на свеченоста во Меморијалниот комплекс АСНОМ во кумановското село Пелинце.

Вељаноски повика на соработка и дијалог меѓу политичките партии и истакна оти верува дека до крајот на летото ќе се отвори нова демократска перспектива. Не постои друг начин, како што рече, освен дијалогот за решавање и на пречката за македонските евроатлантски интеграции кои, со натамошниот развој на државата, остануваат приоритет.

Илинден, според Вељаноски, е меѓник во кој се вкрстуваат минатото и иднината на Македонија, точка од која најреално можеме да ја оцениме сегашноста низ призма на жртвите и влогот на генерациите пред нас, народна меморија која на најдобар начин нé опоменува дека Македонија е нашата најголема и најзначајна партија, нација и вера.

-Во зборот Илинден се собрани сите македонски интереси, идеи, идеологии, доктрини и национални програми. Во зборот Илинден подеднакво е олицетворена жртвата на комитите, како и успесите на партизаните. Илинден е олицетворение и на стремежите на македонскиот народ за сопствена држава, како што е олицетворение на желбите на нашите сограѓани од другите помалубројни нации и вери за соживот, за права и за слободи. Илинден подеднакво силно се однесува како на македонската левица, така и на македонската десница, како на политичкиот центар, така и на оние кои немаат идеолошка одредница, рече Вељаноски.

Вељаноски порача секојдневно да промовираме заедништво по примерот на учесниците на Илинденското востание, како и да градиме мостови на соработка внатре помеѓу нас, но и надвор со другите народи и држави.

-Само на овој начин нашата татковина ќе успее уште повеќе и уште подобро. Само на овој начин ќе покажеме уште повеќе и уште подобро дека Европа не е нешто што треба да го внесеме во Македонија, туку вредност која ја извезуваме како дел од заедничката европска култура и идентитет, потенцира Вељаноски.

Тој укажа дека Македонија е толку цврста внатре, колку што е интегрирана надвор, безбедна внатре, колку што има поцврста соработка надвор, сигурна внатре, колку што се сигурни нејзините релации надвор.

– Нашиот децениски приоритет, нашиот национален интерес, нашата заедничка програмска определба била, е и ќе биде членството во НАТО! НАТО е нашиот идеал кон кој се стремиме и за чие остварување сите овие години напорно работиме, подвлече Вељаноски.

Македонија многу полесно се справувала со сите предизвици благодарение на поддршката на стожерната држава на НАТО-пактот, рече претседателот на Парламентот.

Големата идеја за членство на Македонија во Европската унија, како што потенцира, е национална, државна и сеграѓанска цел. Укажа на придобивките од зачленувањето во Унијата во сите области потенцирајќи дека членството на Македонија во Европската унија ќе значи и симболичен крај на сите македонски историски премрежја на патот до светлата иднина. Европа, нагласи, е нашиот дом!

Укажувајќи на проблемот кој го одолговлекува зачленувањето во ЕУ и НАТО, порача дека друг начин освен соочување со проблемот не постои и оти друг политички метод освен дијалогот, Македонија не познава.

Продолжуваме, како што рече, посветено да ги негуваме односите со нашиот јужен сосед. Продолжуваме да разговараме и да објаснуваме дека Македонија не и’ е непријател на Грција, ниту македонскиот народ на грчкиот народ.

Во обраќањето Вељаноски оцени и дека македонскиот законодавен дом продолжува да биде точка која ќе генерира стабилност и демократија.

– Како претседател на Собранието, сакам и денес, како и минатата година и во годините пред неа, да подадам рака кон сите преставници на народот на Македонија. Подавам рака на дијалог, на соработка, за нов напредок околу стожерните приоритети на државата. Мораме да покажеме дека зборови за соработка изговорени на вакви големи национални денови, не се само протоколарен чин. Ниту еден проблем не е доволно голем за да не биде совладан доколку целта е Македонија. Ниту еден настан не е доволно голем доколку настапуваме со искрени намери. Ниту еден направен разговор не треба да биде пречка за да отпочне дијалогот, рече Вељаноски.

– Да покажеме дека ги цениме советите на нашите меѓународни пријатели, но и дека имаме сила самите да разговараме и да ги решаваме проблемите. Да покажеме дека знаеме да решаваме сложени прашања користејќи ги нашите внатрешни сили и капацитети. Да покажеме дека сме држава со сите нишани! Цврсто верувам дека делата, а не зборовите се она од што зависи историската оценка за нас. Времето ќе ги отстрани сите неосновани траги и ќе ги прикаже личностите и настаните во вистинското светло. Во тој дух, повикувам заедно да продолжиме да ги надоградуваме демократските основи на македонскиот законодавен дом, рече Вењаноски.

Потенцирајќи дека границата помеѓу политичкото и етничкото во Македонија е тенка и оти секоја политичка стабилност генерира етничка стабилност, укажа на обврската да продолжиме да ги негуваме добрите односи помеѓу граѓаните од сите вероисповеди и етнички потекла.

Илинден, потенцира, е најдобриот пример за ваквите тврдења. Под знамето на слободата и во 1903- тата и за време на Втората светска војна, пред олтарот на татковината своите животи ги положија Македонците, но и Албанците, и Турците и Ромите и Србите и Власите; и Христијаните и Муслиманите и Евреите и Атеистите. Да го славиме меѓуетничкиот дијалог, затоа што на тој начин најдобро ќе им се оддолжиме на нашите предци кои се изборија за нашата слобода и државна независност, рече Вељаноски.

Да си ветиме, порача, дека следните илиндени ќе говориме за други предизвици и оти со гордост ќе се сеќаваме на успешното справување со претходните проблеми.

– Да се обврземе дека со своите дела ќе ги убрзаме процесите на вкупниот развој на нашата татковина. Македонија ќе биде дел од НАТО и од Европската унија, ќе ги надмине сите политички несогласувања, ќе ги развие уште повеќе меѓуетничките односи, ќе биде уште поразвиена држава!, порача претседателот на Собранието во обраќањето во Пелинце.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top