| четврток, 6 декември 2018 |

Катица и Живко по 12 години битка ги добија Лука, Лана и Леон

Лука веќе е дома, а Лана и Леон се во стабилна состојба, но сѐ уште им е потребна поддршка од лекарите и од сестрите во болницата. Наскоро и тие ќе им се придружат на братчето и на родителите

Катица и Живко Угриновски битката со стерилитетот ја добија со раѓањето на Лука, Лана и Леон. Тишината и тоа што немало кој да растура по дома ги мачеле 12 години. Но, тоа се промени пред 12 дена. Тројна радост и среќа за мама и тато, круна на нивниот успех, радост и за медицинскиот тим во првата приватна општа болница „Ре-Медика“, пишува весникот „Нова Македонија“.

trojkadeca

Лука веќе е дома, а Лана и Леон се во стабилна состојба, но сѐ уште им е потребна поддршка од лекарите и од сестрите во болницата. Наскоро и тие ќе им се придружат на братчето и на родителите.

Дечињата се родени во 34-та недела од бременоста (1,9 килограм, 1,7 килограм и 1,5 килограм). Катица останала бремена со 14-тото инвитро, или вештачко оплодување.

– Во седум часот прво го видов Лука, за една минута Лана, а за две Леон. Лука плачеше доволно силно за да се опуштам, да ми олесни, а морам да кажам дека Лана беше уште погласна. Кога го слушнав и Леон, на среќата ѝ немаше крај – раскажува Катица.

Живко не знаел дека сопругата се породува.

– Ми се јави, ми вели дека се породила, а јас збунет прашав кој се породил. Веднаш дојдов во Скопје да си ги видам и сопругата и децата. Инаку, оплодувањето се случи на празник, на контролата кога дознавме дека Катица е бремена исто така беше празник, а и се родија на празник, на Иванден – вели Живко.

Д-р Зоран Петановски, шеф на Центарот за асистирана репродукција во „Ре-Медика“, вели дека во долгогодишната, 20-годишна работа не сретнал луѓе со толкава енергија за да успеат и покрај толку неуспеси.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top