Прилично работна и турбулентна година за образованието. Koj e Вашиот коментар за случувањата?
РИСТОВСКИ: Минатата година како влада решивме да направиме крупни промени на неколку нивоа и сегменти во образовниот систем, во насока на негово суштинско реформирање. Промени за кои се увиде потребата дека се неопходни, ако се земе предвид дека образованието е основниот стожер на државниот просперитет и не постои друга алтернатива, освен на глобалниот простор да понудиме знаење и квалитетни вештини, со посебен акцент на иновативноста и на претприемаштвото. Нашите намери беа искрени, добронамерни. Но, работејќи на концептот и на акцискиот план за додавање уште поголем импулс на заложбите, поради комплексноста на целиот процес решивме дека е потребен дијалог на највисоко ниво, со активирање на сите општествени фактори и групи, кои на директен или индиректен начин се засегнати од реформите, сѐ додека не се најде оптималното, најприфатливото решение. Дијалогот почна и ќе продолжи во периодот што доаѓа. Ценам дека има волја и оптимизам кај сите учесници во процесот за изградба на современ и конкурентен образовен систем. Практично, досега има многу предлози, сугестии, изнесени позитивни искуства, практика… Сите се добредојдени и уверувам дека тоа што е издржано и тоа што може да се прифати, ќе се прифати и примени. Повеќе од девет години покажуваме слух за потребите и за интересите на сите граѓани, така што и овој пат нема да ги изневериме очекувањата.
Како го оценувате квалитетот на македонскиот образовен систем, со оглед на тоа што веќе две години сте дел од ресорното министерство?
РИСТОВСКИ: Република Македонија прилично долго беше зафатена од транзициското слепило. Период кога приоритетите беа сосема поинакви од денес. Кога образованието беше целосно запоставено, односно се градеше општество без знаење, без морал, етика и вистински вредности. Образовниот систем, освен што не ги исполнуваше основните стандарди за квалитет на инфраструктурата и на наставата, не беше ниту целосно отворен и достапен за сите македонски граѓани. Книгите за основно и за средно образование беа прилично скапи. Превозот, исто така. Училишните објекти што беа изградени пред осамостојувањето беа оставени на забот на времето. Поради високите партиципации не можеше секој да се запише на факултет, а тие што ќе се запишеа учеа од книги на странски јазици, претежно од поранешната СФР Југославија. Oд денешна дистанца, слободно можам да кажам дека Република Македонија има прилично добар образовен систем. Не велам дека е совршен затоа што никаде во светот не постои совршен образовен систем. Постои најдобар по одредени параметри, но не и совршен. Се трудиме нашиот да биде уште подобар, така што и понатаму добар дел од вкупните буџетски средства, но и многу труд ќе биде концентриран на зголемување на квалитетот и на стандардите на сите нивоа на образование, на зголемување на знаењето и на креативноста што произлегува од него. Многу е важно што образованието веќе нема третман на потрошувач, туку третман на двигател на општествениот развој.
Што се промени низ годините во ова Mинистерство?
РИСТОВСКИ: Состојбите почнаа евидентно да се менуваат од 2006 година. Идејата на нашата образовна политика, која тогаш ја почнавме и сѐ уште се водиме по неа е дека секој заслужува шанса за образование. А до каде ќе стигне и колку ќе постигне зависи од него. За таа цел, во меѓувреме образованието до 18-годишна возраст стана задолжително, но и бесплатно. Обезбедивме бесплатни учебници за сите ученици, како и бесплатен превоз за учениците што учат на повеќе од 2,5 километри од местото на живеење. Обезбедивме компјутер за секој ученик, како и бесплатен интернет. Изградивме 45 нови училишта. Реконструиравме 350. Изградивме нови 45 училишни спортски сали до овој момент. Отворивме нови државни универзитети, нови факултети и дисперзирани студии. Сериозно ја намаливме и унифициравме партиципацијата на државните универзитети и ги обезбедивме најквалитетните книги и учебници од кои се учи на највисокорангираните универзитети низ светот. Обезбедивме многубројни можности за стипендирање, кои во минатото не постоеја. Набавивме најсовремени лаборатории, од кои, дел се мултифункционални, односно освен за практична настава служат и за научна и апликативна дејност. Голем дел од студентите добија ИТ-опрема. Практично, направивме многу за младите, но и за повозрасните, кои од какви било причини немале можност да се образуваат до посакуваниот степен. Понудивме можности, кои во минатото не постоеле, а и денес не се достапни во многу од земјите што посветуваат сериозно внимание на квалитетот на образованието.
Ќе има ли новини во наставата од септември?
РИСТОВСКИ: Со почетокот на новата учебна година ќе се спроведат неколку нови работи, за кои подолг период правевме анализи и оценивме дека е потребно и дека постои простор да се спроведат, да бидат добро прифатени и да донесат одредени придобивки на пократок или на подолг рок. Република Македонија минатата година стана единствената земја и лидер во регионот, која го спроведе еден од најквалитетните образовни системи, Кембриџ. Учениците од прво до трето одделение веќе ги изучуваат предметите математика и природни науки по целосно нови наставни програми и учебници на Меѓународниот центар за наставни програми на Кембриџ, практично најголемиот светски провајдер на меѓународни образовни програми и квалификации за деца на возраст од пет до 19 години, чиишто програми се прифатени во 160 земји и во повеќе од 9.000 училишта. Во новата учебна година продолжуваме со надградбата на оваа крупна реформа, односно по учебниците на Кембриџ ќе учат и учениците од четврто до шесто одделение, а од 2016/2017 година ќе бидат опфатени и учениците од седмо до деветто одделение. Со ова, практично, ги елиминираме сите дилеми дали одреден учебник или програма е добра или не и дали соодветствува на возраста на ученикот или не. Морам да признаам дека навистина ми е драго и спокоен сум што и моите деца, во многу скоро време ќе учат по овој целосно нов и современ концепт. Така што, оваа реформа би ја коментирал како најзначајна, иако има и низа други…
Како влада прилично сте посветени на развојот на претприемаштвото. Дали се планира нешто и во тој дел?
РИСТОВСКИ: Посветувајќи сериозно внимание на развој на претприемачкиот дух уште од најрана возраст, се решивме да изработиме нови наставни програми по предметите иновации во деветто одделение во основното образование и бизнис и претприемаштво и иновации и претприемаштво во средно образование, со еден поексплицитен и посликовит пристап од практичен аспект, за што беа ангажирани стручњаци и професори од велшкиот универзитет „Сент Дејвид“ (Saint David). Секако, врз основа на новите наставни програми ќе бидат обезбедени и нови учебници. На овој начин претприемачкото образование значително ќе биде унапредено, модернизирано и ќе помогне во градењето младина со проактивен и иновативен начин на размислување. Сумирано, во делот на основното и на средното образование се обидуваме да ја приспособиме наставата кон креативно учење, размислување и решавање на проблемите.
Кои се приоритетите во високото образование?
РИСТОВСКИ: Продолжуваме со заложбите за градење механизам што ќе го гарантира минималниот квалитет на високото образование, како најважен сегмент без чијашто успешна трансформација е невозможно да се проектира иднината на земјата. Сѐ уште го конципираме законот што ја регулира оваа област, а работиме и на подготвување на предусловите за дел од реформите, чиешто спроведување треба да почне наскоро. Но, тоа не значи дека работата ќе биде завршена. Генерално, образованието е сфера што не трпи застои и мора во континуитет да ги следи глобалните процеси, трендови и стандарди за квалитет. Токму затоа, како што и претходно нагласив, максимално сме отворени за дијалог на највисоко ниво, за разгледување на секоја добра понудена идеја, за секој добар предлог, без разлика кој е иницијаторот. Многу од спроведените реформи се иницијатива на ученици, студенти, професори, родители, граѓански здруженија. Во таа насока, очекувам да продолжи конструктивниот пристап од страна на сите општествени фактори, кои ценат дека можат да се вклучат и да дадат придонес, се разбира, без политички мотиви и заднина. Политиката треба целосно да се оттргне од образованието. Особено се големи очекувањата за поактивна вклученост на студентите и на професорите со кои мора да се обидеме да ги примениме единствено позитивните досегашни искуства и практика и да ги отстраниме негативните. Унапредувањето на образованието мора да биде наша заедничка, но и единствена цел.
Во август почнуваат уписите на факултетите… Што би ги советувале матурантите што ќе продолжат да се образуваат?
РИСТОВСКИ: Во суштина, информациите за можностите за вработување и за заработка, како и за напредок во кариерата и за лично задоволство од работењето треба да бидат основа при изборот на натамошното образование на секој поединец. Тоа значи дека идните студенти треба да се ориентираат според реалните потреби и можности на пазарот на трудот. Односно, и овој пат вниманието треба повеќе да биде насочено кон техничките струки затоа што, реално, тие се дефицитарни и нудат можност за поедноставно и побрзо обезбедување работен ангажман, особено во период кога нашата земја е лидер во регионот според бројот на странски инвестиции по жител. А инвеститорите, зборувам генерално, не само странските, туку и домашните, навистина, се соочуваат со недостиг од стручен кадар.
Се планира ли некоја нова инвестиција во образовната инфраструктура?
РИСТОВСКИ: Вообичаено за Министерството за образование и за наука, летниот период е прилично работен. Имено, ние веќе најавивме реконструкција и санација на вкупно 45 основни и средни училишта, каде што имаше потреба од одредена градежна интервенција. Акцискиот план целосно ќе се заокружи некаде до почетокот на следната година. Во тек е изградбата на едно ново училиште во Сарај, а наскоро ќе почне и изградбата на уште еден објект во Кисела Вода. Бројката од вкупно 45 изградени целосно нови училишни спортски сали се очекува да ја зголемиме со дополнителни десетина новоизградени во следниот период. Во фаза на приспособување е дел од касарната во Охрид, за потребите на тамошниот државен универзитет. Во тек е и постапка за избор на изведувач на градежните активности за изградба на објектите на два факултети, ФИНКИ и Факултетот за физичка култура, здравје и спорт. Исто така, етапно се одвива и реконструкцијата на студентскиот дом „Гоце Делчев“, каде што привршува темелната реконструкција на блокот Б, како приоритетен и каде што поради забрзување на процесот, со ребалансот на буџетот добивме дополнителни 60 милиони денари, како и 220 милиони денари за реконструкциите на училиштата. Тоа е потврда дека и унапредувањето на образовната инфраструктура останува еден од врвните приоритети на Владата на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст