
фото: МКД.МК
Последниот четвртфинален натпревар од Купот на Македонија, чија завршница се игра викендов во скопската сала „Борис Трајковски“ помеѓу кошаркарите на Куманово и на Лирија, почна со вистинска навивачка војна помеѓу следбениците на двата клуба, кои најчесто користеа националистичка реторика, а имаше и истакнување пароли со политичка содржина, пишува порталот МКД.МК.
Атмосферата ја вжештија популарните „Шверцери“, кои вечерва дојдоа да ја бодрат Лирија и кои по самиот почеток на средбата ја истакнаа паролата „Сот Ускана, Несер Куманова“, која преведена значи „Денес Кичево, утре Куманово“, алудирајќи на епилогот од неодамнешните локални избори.
На оваа провокација одговорија и „Кумани“, кои во повеќе наврати скандираа непопуларни песни во кои доминираше зборот „Шиптари“ во негативна конотација што предизвика револт кај управата на Лирија. По мала кавга со делегатот на средбата, страстите се смирија и вниманието се префрли кон оние што тоа најмногу го заслужија – играчите на паркетот.
Националистичките препукувања, сепак, продолжија сè до 15. минута од првото полувреме кога средбата беше прекината поради националистичкото дивеење на навивачите на двата тима.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


