| четврток, 6 декември 2018 |

Од денеска до недела „Владимирски илинденски средби“

Vladimirski-Sredbi-BACKDROP-700x350cm-1x10-preview-1024x512

Во Владимирово денеска почнува тридневна манифестација „Владимирски илинденски средби“.

Организаторот на манифестацијата  – Здружение Владимирски илинденски средби, најавува богата културно-уметничка и забавна програма. На вториот ден од манифестацијата ќе се одржува илинденски турнир во мал фудбал.

Оваа година, ќе се отвори и постојана изложба под името „Културно историска одаја – огледало на владимирската гордост“, на која ќе бидат претставени документи, предмети, книги и фотографии, кои говорат за историјата и за потенцијалите на село Владимирово, кое го носи епитетот – село на учени луѓе.

Централниот настан е одбележувањето на Илинден, кое, традиционално, со години, на 2 август, се одвива на блискиот рид Шилеви Оградни.

Присутните ќе се запознаат со ретките обичаи на овој крај како домашни „прекадени“ погачи, кои се делат за здравје, и традиционален илинденски ручек – курбан готвен на ридот од рани утрински часови, во котли на дрва.

Денот почнува со свечена архиерејска литургија во малата црква „Св Илија“, а завршува со најголемото оро во Малешевијата под звуците на зурли и тапани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top