| четврток, 6 декември 2018 |

Новиот објект на Турскиот театар до крајот на годинава треба да има завршена карабина

Новиот објект на Турскиот театар ­Скопје, кој се гради во близина на Железничката станица, до крајот на годинава треба да има завршена карабина.

turski-teatar

 

Министерката за култура Елизабета Канческа ­Милевска ја посети локацијата каде што ГП „Бетон“ денеска ја постави првата темелна плоча на зградата во која ќе биде сместен театарот, на површина од 2.600 метри квадратни. ­

– Досега интензивно се работеше на ископ на градежната јама, имаше мал застој зашто беа откриени подземни води на местото на објектот каде што се вршеше испумпување и целосна хидроизолација. По завршување на овој процес, се пристапи кон понатамошните градежни активности и денеска, на огромно задоволство, се поставува првата темелна плоча. Кога тоа ќе заврши, ќе се продолжи со карабината на самиот објект кој се планира до крајот на годината да биде целосно завршен – изјави Канческа­ Милевска по увидот на градежните работи.

Договорот со „Бетон“ за карабината е 4,5 милиони евра. Откако ќе биде готова карабината, активностите ќе продолжат во соработка со Турција која, според договорот, ќе се вклучи во останатите фази од изградбата.

Директорот на Турски театар­ Скопје Атила Клинче очекува дека наскоро ќе биде изграден нов објект во кој ќе се пресели ансамблот на Турскиот театар, кој годинава одбележува 65 години постоење. ­

– Јас сум најсреќниот човек денеска зашто толку години работевме на овој проект, прво со експропријација, расчистување на просторот, на имотот. Сега конкретно се гледа, првата темелна плоча веќе се гради и до крајот на годината ќе ја завршиме карабината. Република Турција ќе учествува во изградбата на театарот. Да се надеваме дека работите ќе си течат според предвидената динамика и дека во најскоро време ќе имаме театар каде што ќе се случува најважното ­ претставите – истакна Клинче.

Во новиот објект ќе има современи услови за работа на оваа национална установа, која долги години сцената ја делеше со Албанскиот театар­ Скопје. Поранешниот заедничкиот објект му е предаден на Албанскиот театар и се реконструира од темел. Додека траат градежните работи за новите објекти, ансамблите на двата театра своите претстави ги изведуваат на сцената на театар „Комедија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top