| четврток, 6 декември 2018 |

Во Битола почна фестивалот „Илинденски денови“

Со дефиле по Широк сокак и со изведба на традиционалното оро „Комитско“, во Битола почна 45. издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.

defile_ilindenski_denovi

Фестивалот „Илинденски денови“ е синоним за доследно чување на автентината фолклорна традиција. Тоа се важни денови во агендата на секое културно уметничко друштво во Македонија и дијаспората, истакна пратеникот Зоран Илиоски кој во име на покровителот – Собранието на Република Македонија, го отвори фестивалот на фолкорот во Битола.

– Не случајно овој фолклорен фестивал се одржува во очи на големиот и најсвет македонски празник Илинден. Фестивалот „Илинденски денови“ во Битола е главниот столб кој го крепи сводот на македонската традиција. Тоа е важен меѓународен фестивал со богати програмски содржини, фестивал кој најдоследно и највистински ја претставува Македонија и големата Гоцева идеја за светот како поле за културен натпревар меѓу народите – истакна Илиоски.

Ги поздрави присутните гости и посебно македонците иселеници кои како што рече во Битола доаѓаат од сите светски меридијани, пред многу години се откорнале од родните огништа, но не ја забораваат македонската традиција и секоја година се значаен дел на фестивалот „Илинденски денови“.

Во името на градот домаќин, учесниците на фестивалот ги поздрави градоначалникот на општина Битола Владимир Талески, а во името на организаторот НУ Центар за култура-Битола, пригодно обраќање имаше директорот на таа установа Борче Димитровски, и притоа и двајцата ја потврдија поддршката на идејата на основоположниците на фестивалот која датира од1971 година.

Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ продолжува со втората фестивалска вечер на која ќе настапат културно уметничките друштва „Бисер“-Кичево, „Весели пензионери“-Пробиштип, „Илинден“-Демир Хисар, „Ѓура Мара“-Миравци, „Дримкол“-Вевчани, „Цветови“-Дедино, „7 Септември“-Македонски Брод, „Гоце Делчев“-Битола, и „Копачка“ од село Драмче-Делчево.

Во ревијалниот дел ќе настапат фолклорниот ансамбл „Дорулетул“ од Тулчеа, Романија, фолклорниот ансамбл од Биалисток-Полска и КУД „Севдах“ од Врање-Србија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top