| четврток, 6 декември 2018 |

„Вечерњи лист“: Германија мора да воведе визи за БиХ, Косово, Македонија…

 Унгарија на границата со Србија гради ѕид за да го намали бројот на илегалните влегувања во својата земја, а Германија планира да воведе визи за балканските земји Албанија, БиХ, Косово, Србија, Македонија и Црна Гора. Проблемот лежи во фактот дека голем дел од барателите на азил во Германија и уште неколку земји на ЕУ, како Франција, доаѓаат токму од регионите од Западен Балкан. Оваа година околу 220.000 луѓе побараа азил во Германија, а се проценува дека до крајот на 2015 година ќе бидат 450.000, лани биле 202.000, пишува хрватски „Вечерњи лист“.

Сите барања се одбиени

Дури 40 отсто баратели на азил во Германија доаѓаат од Балканот иако во матичната земја не им се заканува прогонство, тврдат Германците. Во земјите од Западен Балкан на потенцијалните азиланти не се загрозени човековите права ниту им се заканува опасност, туку се работи само за обид за населување од економски причини. Германската влада пред неколку месеци соопшти дека секој барател на азил од западен Балкан автоматски ќе биде депортиран од земјата, а речиси сите барања за азил се одбиени.

Повторно воведување на визи посебно жестоко го бара регионалната влада на Баварија бидејќи оваа германска покраина на Балканот географски е најблизок дел од Германија и најчеста цел на барателите на азил. Токму баварската влада од својот буџет го плаќа најголемиот дел од трошоците како социјална помош или социјални кирии на овие економски бегалци, а нивниот број во однос на 2014 година дупло е зголемен.

– Се залагам за целосно воведување на визи во тие балкански земји – рече во разговор за Дие Велт баварскиот премиер Хорст Зихофер.

По истиот пат и Французите

Инвазијата на баратели на азил почна пред неколку години кога на државјаните на земјите на западен Балкан се укинаа визите за влез во Германија. Во тој момент бројот на луѓето кои во Германија доаѓале за да соберат социјална помош експлодираше. Се повеќе жители на нашите соседни јужни земји, Германија ја гледаат како ветена земја.

– Одбивањето на азил во изминатите неколку месеци не даде големи резултати. Потребно е да се воведат повеќе мерки за граѓаните на овие земји, за да се регулира нивниот број во Германија – тврдат Баварците, а ги поддржуваат и другите сојузни покраини. На пат за донесување на слична одлука е и Франција, која веќе објави дека нема да одобрува азил на државјани од Албанија.

– Големиот број на баратели на азил во ЕУ ги отежнува напорите и ги намалува шансите на нивните земји да се приклучат во ЕУ – тврдат германските и француските аналитичари.

На возот Гевгелија-Будимпешта влегуваат и преку прозорци

Западен Балкан воедно е и транзитна рута за бегалците од Блискиот исток, кои се обидуваат да влезат во Европската унија. Посебно е позната рутата од Македонија преку Србија до Унгарија, а бегалците секојдневно го опседнуваат возот кој вози од Гевгелија до Унгарија. Влегуваат преку прозорци, се кријат во прирачни бункери, под вагоните, прават се само да влезат во ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top