Чешката енергетска компанија „ЧЕЗ“ поднела жалба до Европската комисија против бугарските власти поради заканата од Бугарија да и ја одземе лиценцата за работа во таа земја. Според „ЧЕЗ“ некои чекори и мерки кои бугарските власти ги преземале во врска со можното одземање на дозволата се во спротивност со бугарските и европските правни норми.
Постапката на бугарските власти, според чешкиот дистрибутер на електрична енергија го ограничува слободното движење на капиталот и слободата на делување кои се содржани во основните договори на Европската унија, се вели во соопштението кое го испрати „ЧЕЗ“.
– Бевме принудени на овој чекор, бидејќи постојано сме подложени на негативни мешања од страна на бугарските институции. Побаравме од ЕК независна проценка на ситуацијата со цел да и се обезбеди објективна и праведна постапка на нашата бугарска фирма, велат од таму.
Компанијата се жали пред се на начинот на кој беше започната постапката за одземање на лиценцата, која ја покрена поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов откако Бугарите излегоа на масовни протести поради високата цена на струјата. Според „ЧЕЗ“ жалбите кои беа наведени од бугарска страна според тамошното право не може да се сметаат за причини за одземањето на лиценцата. Тоа може да се случи само ако е загрозена безбедноста на снабдувањето на електричната енергија, ако се прекршат лиценцните услови, неисполнување на препораките на регулаторот или давање на невистинити информации при барањето лиценца.
– Ние сме апсолутно убедени дека ги почитувавме и се уште ги почитуваме сите бугарски и европски закони. Обезбедуваме целосна соработка со обвинителот или даночните власти како и со антимонополното и енергетското регулаторно тело и очекуваме дека сите овие институции ќе одлучуваат самостојно и во согласност со законот, оценува компанијата.
„ЧЕЗ“ заедно со чешката фирма „Енерго-пром“ и австриската ЕВН се соочуваат со критики од голем дел од бугарските граѓани кои ги обвинуваат за покачување на цената на електричната енергија. Додавачите на енергија ги отфрлаат обвинувањата и информираат дека зад поскапувањето стои растот на цената за поддршка на обновливи извори на енергија која е вклучена во крајната цена на струјата. Бугарското обвинителство започна контрола во сите три енергетски компании.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


