| четврток, 6 декември 2018 |

Со претставата „Ромео и Јулија“ на театарот од Габрово се затвори третиот „Битола Шекспир фестивал“

Со бурен аплауз и овации беше поздравена актерската екипа на Драмскиот театар од Габрово, Бугарија синоќа на затворањето на третото издание на меѓународниот театарски фестивал „Битола Шекспир фестивал“, што од 22 до 28 јули се одржуваше во Народниот театар во Битола.

unnamed (2)

 

Претставата „Ромео и Јулија“ од Вилијам Шекспир, во режија на Петринел Гочев која е една од најдобро оценетите претстави во тековната театарска сезона во Бугарија презентираше исклучителна актерска умешност со режисерски концепт кој изобилува со динамични сценски движења и кореографија, мошне впечатлива сценографија со префинети визуелни реженија и модерна и провокативна изведба која кај битолската публика наиде на особен прием.

unnamed (1)

На третото издание на „Битола Шекспир фестивалот“ беа понудени неколку нови и различни читања на Шекспировите дела. Дел од фестивалот беа и премиерната изведба на претставата „Антониј и Клеопатра“ на Битолскиот театар, во режија на Џон Блондел, како и претставите на Народното позориште од Сомбор, Србија, театарот „Лит Мун“ од Санта Барбара, САД, Турскиот театар од Скопје, како и театарскиот перформанс на актерот Ги Сонен од Холандија.

unnamed

Во рамките на фестивалот се реализираше и работилница за создавање нов драмски текст инспириран од сонетите на Шекспир, во која освен актерите на битолскиот театар и актерите од Лит­Мун театарот, беа вклучени и драматурзи, шекспиролози и режисери.

Резултатот на оваа работилница како една голема коопродукција предвидено е да се реализира на четвртото издание на шекспировиот фестивал.

Претходните две години на сцената на Битолскиот театар како дел од овој фестивал, кој се реализира со поддршка на Министерството за култура и општината Битола, продефилираа големи театарски компании како што се Глоуб театарот, Кинескиот национален театар, Мексиканскиот национален театар и многу многу други што секако е една од главните причини за одличната посетеност на фестивалот.

Битолскиот театар е еден од театрите кој има најмногу поставени пиеси на Шекспир во Македонија и во регионот и тоа во моментот на репертоарот има три шекспирови дела на репертоарот: „Отело“, „Хенри VI“ трет дел и „Антони и Клеопатра“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top