Израелскиот шпион Џонатан Полард, поранешен аналитичар во разузнавачката служба на американската Воена морнарица, ќе биде ослободен во ноември оваа година, откако 28 години мина во затвор, соопштија неговите адвокати.
Во 1987 година Полард беше уапсен и осуден на доживотен затвор за предавање на доверливи и тајни разузнавачки и воени информации на Израел.
Американските власти досега ги отфрлаа барањата на неговите адвокати и на израелската Влада за помилување, но овојпат се согласија тој да биде „условно пуштен од затвор“.
Според законите на САД, Полард во наредните пет години не смее да патува во странство.
Изминатите денови имаше најави во американската јавност дека Полард би можел да биде ослобиден од издржувањето на затворската казна и тоа се поврзуваше со договорот што меѓународната „шесторка“ го постигнаа со Иран, околу неговата нуклеарна програма.
Американскиот државен секретар Џон Кери, сепак, ги отфрли како неточни тврдењата дека одлуката за Полард е донесен токму сега за да се одоброволи Израел, каде остро се противат на договорот со Иран.
Случајот со постоење на израелски шпион во американското морнаричко разузнавање со децении ги оптоварува специјалните врски меѓу САД и Израел и нивното сојузништво.
Џонатан Полард, кој сега има 60 години, во 1979 година почнал да работи во аналитичката служба на военото разузнавање на САД, сместено близу Вашингтон и се верува дека веднаш почнал да му префрла на Израел доверливи информации.
Во 1985 година, тој прв пат станал сомнителен, па бил и испрашуван од безбедносните органи на службата. Исплашен дека ќе биде осуден како шпион, Полард и неговата сопруга, побарале од израелската Амбасада во Вашингтон да им издаде азил, но биле одбиени. Подоцна и двајцата се уапсени, а Полард осуден на доживотен затвор.
Изаелските власти на почетокот ги отфрлаа обвинувањата од Американците дека станува збор за нивни разузнавач, но во 1996 година тој доби израелско државјанство, а две години подцна Израел призна дека Полард работел за нив предавајќи им важни тајни информации.
Тој никогаш не ги отфрлал обвинувњата дека работел за Израел, објаснувајќи дека тоа не го правел за пари, туку затоа што верувал оти земјата, како важен американски сојузник, треба да ги има сите тие информации.
Со години на ред, низа израелски влади, редовно бараа од САД да го ослободат Џонатан Полард.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.