| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ бара: Кој сака да гласа, прво нека се пријави

SDSM Kandidati 01

Да се избришат сите досега запишани гласачи од Избирачкиот список и да се евидентираат сите нови што се над 18 години и имаат право на глас така што секој гласач што сака да гласа ќе мора сам да се пријави и на тој начин да биде запишан во Избирачкиот список. Со тоа, практично, постојниот Избирачки список целосно би се укинал, односно повеќе нема да биде важечки. Нема објаснување дали тоа би се повторувало на секои наредни избори.

Ова, според „Дневник“, е, меѓу другото, едно од последните барања на СДСМ за кое ќе инсистира да се спроведе до одржувањето на следните парламентарни избори во април в година предвидени со договорот од 2 јуни. Ссоговорник од опозицијата посочува дека граѓаните ќе бидат навремено едуцирани преку кампања, односно ќе им се укаже каде треба и со кои документи да се пријават како гласачи.

Прашање е колку овој предлог на СДСМ ќе може да помине, бидејќи, според нашиот Устав, изборното право е општо и не може да зависи од тоа дали некој се пријавил или не. Сепак, овој предлог требаше да се разгледува уште вчера на средбата на работната група составена од тимови од четирите најголеми партии. Тие веќе во два наврата ги усогласуваат ставовите и се задолжени да ги спроведат препораките од договорот и неговиот протокол од 15 јули до одржувањето на изборите.

Kако што вели соговорникот од опозицискиот блок, целосно нов избирачки список е приоритет за СДСМ. Тоа, според него, би донело конечна чиста евиденција на гласачите на денот на гласањето и расчистување со „мртвите гласачи“ (за кои СДСМ тврди дека се злоупотребуваат), но и со случаите како Пустец. Според него, власта веќе покажала добра волја за применување на овој новитет, но ништо не е конечно и е рано да се потврди. Истовремено, на средбата која беше предвидено да се одржи вчера доцна попладне во присуство на белгискиот експерт Питер ван Хоут, требаше да биде ставен акцент на изборното законодавство, на Избирачкиот список, на Изборниот законик, на Државната изборна комисија, на гласањето на дијаспората и на сѐ што е врзано за изборниот процес. Според наши неофицијални информации, процесот на дијалог меѓу тимовите веќе закочува кај гласањето на трите изборни единици надвор од земјата за кое ВМРО-ДПМНЕ инсистира да остане. За СДСМ, пак, пратениците од дијаспората се непотребни и треба да се укинат или пратеник од дијаспората да добие мандат само ако за него гласаат најмалку 80 отсто од потребните гласови за избор на пратеник во Македонија. Партијата на Али Ахмети, пак, исто како и опозицијата, смета дека гласањето во дијаспората не треба да постои повеќе, односно избори за пратеници да има само во земјата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top