Цената на нафтата на светските берзи се спушти во вторникот на најниско ниво за последните шест месеци, откако падот на кинеските акции ги зголеми сомнежите во изгледите за побарувачката за сурова нафта од Кина, водечки светски потрошувач на енергија. Цената за еден барел нафта во Лондон падна за 78 центи, на 52,69 долари, а накратко се спушти и на 52,28 долари, најниско ниво од почетокот на февруари. На американскиот пазар беше во минус 36 центи и изнесуваше 47,03 долари за еден барел.
Кинескиот берзански индекс загуби во последните два дена 10 отсто од вредноста. Аналитичарите истакнуваат дека покрај кинескиот економски пораст, кој настојува да се одржи на 7 отсто, побарувачката за сурова нафта од Кина, можеби, нема да биде доволно да ја намали преголемата глобална понуда.
„Вообичаено, берзите имаат висока корелација со тримесечниот пораст на кинескиот БДП“, смета Мајкл Луис од Дојче банк. „Секако дека постои ризик тоа да се прелее на реалната економија и да влијае на кинеските изгледи за пораст на побарувачката“.
Цената на нафтата ја притиска глобалното производство на нафта, со оглед на сигналите дека пазарот и без тоа е презаситен. Инвеститорите сега чекаат на податоците за американските резерви на сурова нафта за да ја оценат силата на побарувачката. Американските комерцијални резерви веројатно паднале во минатата недела за околу 300 илјади барели, покажува прелиминарната анкета на „Ројтерс“.
Одделно Организацијата на држави извознички на нафта (ОПЕК) објави на својата интернет страница дека цената на барел референтна нафта во понеделникот изнесувала 51,29 долари, што значи дека паднала за 79 центи во однос на претходниот трговски ден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.