Се сеќавам на топлата јулска ноќ, 25 јули 1963-та година кога ме хоспитализираа на одделението за гинекологија во Државната Болница во Скопје. Бев бремена во седми месец, а јас, сопругот и мојата 5-годишна ќерка со нетрпение го очекувавме новороденчето кое на светот требаше да пристигне на 18 октомври. Си го замислував мирното доаѓање на новото чедо и нашиот спокоен живот во семејниот дом на Козара 34, близу Државната Болница.
Но, судбината сакаше поинаку… Цела вечер не можев да заспијам преплавена со мисли за иднината. Одеднаш, се слушнаа страшни звуци – мјаукање на мачки, виење на кучиња и страотни крици од другите животни кои се слушаа дури од Зоолошката градина, а јата птици се креваа во хаотичен лет над земјата. Беше мугра, многу се исплашив и се прашував што се случува. А потоа страшна, злокобна тишина. А потоа силен татнеж….Треперев од страв. Одеднадеш тлото под земјата започна силно, многу силно да се тресе и сфатив- земјотрес….Во животот немав почуствувано таков страв… Јас, докторите, медицинските сестри, и сите други пациенти како избезумени започнавме да излегуваме од зградата, сите стравувајќи за својот живот, завладеа сеопшта паника и страв….
Луѓето од околните објекти беа голи и боси излезени надвор, а тлото под земјата постојано се тресеше и не стивнуваше, во секој момент мислев дека се може да се сруши врз нашите глави…Ме обзема страшна вознемиреност, единствено нешто што ми паѓаше на ум во тој момент беше дали е се во ред со моето семејство… По малку време го здогледав мојот сопруг, кој дотрча исплашен до мене, сакајќи да се увери дека сум добро. Почувствував големо олеснување кога видов дека тој е жив и здрав, но истовремено бев многу загрижена за тоа дали се добро мојата ќеркичка и моите родители, кои во моментот беа на краток одмор во Катланово. Стоевме така на плочникот пред болницата во исчекување, кога одеднаш, можеби по половина час или по четириесетина минути почувствував силни породилни болки. Бев многу исплашена, знаев дека не ми е терминот и дека има уште време, ме обзема страшна паника и само се молев на Бога се да заврши и да помине во ред…. Следуваше уште посилна болка, знаев дека предвременото породување е предизвикано од доживеаниот стрес и траума, треба бргу да се дејствува и детето доаѓа на свет…
Во целокупниот хаос, ми пријде докторот – угледниот д-р Антиќ и породувањето започна на плочникот пред болницата, во тревникот под едно дрво, без никакви инструменти, единствено имаше само ќебе на кое легнав на тревата. И самиот стравувајќи и за својот живот поради непрестајните земјотреси, докторот сепак ја покажа својата професионалност и породувањето беше успешно. Прекрасно беше чувството на олеснување кога ми рече „Девојче имате, девојче!”̋̋ Беше 7 часот и 20 минути, неполни 2 часа по катастрофата која го снајде Скопје, а според сите информации мојата ќерка е првото новороденче кое дојде на свет во Скопје по катастрофалниот земјотрес.
Беше многу малечка, мојата Сузана се роди со тежина од само килограм и сто грама и не можеше самостојно да дише. Но, се охрабривме и не изгубивме надеж, сопругот веднаш зема една сламка и започна да и дава вештачко дишење за да ја одржи во живот. Во тој момент се појави и татко ми, кој исплашен дошол пеш од Катланово и ни кажа дека тој, мајка ми и мојата 5 годишна ќерка се добри и на сигурно, на наша огромна радост. Меѓутоа, поради сеопштиот хаос, многуте повредени на кои требаше да им се укаже помош, како и опасноста од нови потреси, знаевме дека мора да одиме на друго место за да ја спасиме Сузи.
Ни до ден денес не знам како наидовме на еден отворен камион, успеавме да се качиме и да не одвезе до Ниш мене и штотуку родената ќеркичка, а сопругот Благоја како судски медицинар, мораше да остане во Скопје заради идентификација на телата на настраданите. По патот, го гледав разрушеното Скопје, разурнатите згради и куќи и облаците од прав кои се креваа над градот, во тој момент низ главата со молскавична брзина ми прелета мислата – мојата Сузана се роди, додека Скопје умира! Во камионот таа беше поврзана со боца со кислород, за да и овозможи вештачко дишење. Но ненадејно во текот на патувањето, боцата престана да работи! Почустсвував огромен страв и затреперев, но одеднаш потоа малечката заплака, што беше знак дека започнала да дише самостојно. Нејзиниот бебешки плач беше големо олеснување за мене! Бев уморна и преплавена од измешани чувства, и на среќа и радост, и неизмерен страв и неизвесност за нејзината иднина, но некако се охрабрив и започнав да верувам дека со моето девојче ќе биде се во ред, ќе преживее и ќе го претставува новиот живот по катастрофата. Кога стигнавме во Ниш, отидовме во болница, каде нашата ќеркичка мораше да биде во инкубатор. Откако помина два месеца во инкубатор, Сузи се опорави и почна да напредува. Имавме шанса да ја израснеме и да станеме горди родители на неа и на нашата постара ќерка“ – раскажува симпатичната пензионерка Златка Крстевска.
Скопјанката Сузана Стаматовска (родена Крстевска) денеска е среќно омажена и горда мајка на две деца. Многу сака да им помага на другите, а вљубеник е во својата професија (градежништвото) и во својот роден град Скопје – некогаш и сега. Неизмерно им е благодарна на своите родители за нивната пожртвуваност и натчовечки напори тој ден, но и за љубовта и семејната хармонија со кои ја опкружувале во текот на нејзиното растење, а и до ден денешен. Срдечна и пријатна, вели дека не е случајно што е родена на денот на катастрофалниот земјотрес, бидејќи нејзината животна патека многу потсетува на земјотрес – исполнета со многу подеми и падови, но сепак за неа како вистински борец, секој пораз е предизвик за нова победа. Нејзиното раѓање е првиот нов живот по земјотресот, предвесник на новото Скопје, на обновувањето, подемот и новиот живот по катастрофата. На шега вели дека е интересно тоа што не може да си ги сокрие годините, бидејќи заедно со одбележувањето на годишнините од земјотресот, таа си ги прославува и своите родендени.
Скопје се сеќава…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст